Компанијата Бучен Козјак во соработка со апликацијата Мој воздух инвестираше во дваесетина мерни станици. Три мерни станици веќе се поставени во Куманово, пет во Скопје, во Охрид две, а две ќе бидат поставени во Крива Паланка. Останатите мерни станици ќе бидат поставени во градовите низ државата, меѓу нив и Кочани, информира лицето одговорно за маркетинг во Бучен Козјак , Бојан Стојковски, додавајќи дека преку проектот сакаат да придонесат за подигнување на свеста за потребата сите компании и граѓани да се вклучат во рамките на своите можности во борбата за почист воздух.
-Партнерството со Горјан Јовановски, иноваторот кој што стои позади апликацијата го склопивме сосема случајно при што сметавме дека е одлична идеја да покренеме иницијатива со ваков проект да ги ангажираме граѓаните да се осврнат кон малку поефикасни и поеколошки согориви средства како и останатите компании. За кампањата, за маркетинг или пи ар се погрижи тим на студенти од Академијата за дигитален маркетинг Brainster во Скопје, а мерните станици ги обезбедивме ние и ги намонтиравме кои што се емитуваат преку апликацијата Мој воздух. Ја користам приликава да му честитам на Горјан Јовановски за наградата која што ја доби од Светскиот самит на награди за млад иноватор во Европа за 2020 година, воедно и наградата што ја доби од претседателот Стево Пендаровски со што сметаме дека конечно се препознава моќта и влијанието на апликацијата која што ја има кон општеството и кон екологијата, изјави Бојан Стојковски, одговорно лице за маркетинг во компанијата Бучен Козјак
Со овој проект на кој што Бучен Козјак работи од април месец минатата година сака да придонесе кон подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот, додека апликацијата Мој воздух веќе 6 години активно работи на подигнување на еколошката свесност и зголемување на достапноста на релевантни податоци за населението.
-Покреваме иницијатива, пред се, кон домаќинствата и граѓаните за осврнување кон поефикасни согориви средства и за загревање, како и компаниите кои што произведуваат и кои што согоруваат средства, меѓутоа и поттик за побрза реализација на гасификацијата во државата, изјави Стојковски од компанијата Бучен Козјак.
Од компанијата велат дека и во иднина ќе продолжат со општествено одговорни практики да инвестираат во решавање на најважните општествени проблеми кои ги засегаат сите.