(ВИДЕО)И кумановските матични лекари се приклучија на предупредувачкиот штрајк

Да се зголеми надоместокот што го добиваат од Фондот за здравство и да се намалат  казните кои сега ги добиваат за административни пропусти се барањата на матичните лекари кои што денеска ги искажаа денеска предупредувачки штрајк. Матичните лекари денеска не издаваат рецепти и упати за пациентите, освен за итните случаи, во знак на протест против здравствените власти, кои што немаат слух за примарното здравство вели претседателот на здружението на матични лекари во Куманово, д-р Фатмир Асани.

-Околу 95 проценти од ординациите во Куманово штрајкуваат, не работат. Главното барање е покачување на бодот бидејќи во последно време се покачени сите нивни плати во секундарното, терцијалното здравство, а кај нас останува капитацијата од 2018-та година со 63 денари. Во Куманово има ординации кои имаат мал број на пациенти, околу 20 се такви ординации кои не можат да го платат ниту покачувањето на минималната плата кај медицинските сестри, ниту да ја зголемуваат платата бидејќи живеат со минимална плата. Исто така бараме да се намалат и казните од Фондот што ги имаме во примарното здравство и за боледување и за рецепти, да не ослободат да ги пишуваме сите рецепти, да не ги праќаме пациентите на секои шест месеци кај секундарен или терцијален лекар за некој обичен лек, изјави д-р Асани.

„Доколку Фондот и министерството за здравство не ги прифатат барањата на матичните лекари, имаме план Б кој ќе го објавиме в понеделник“, предупредува д-р Асани.

-Во Куманово има околу 100 ординации, имам сознанија дека една или две ординации не го почитуваат ова барање, ми се јавија и велат дека не знаеле , по што прекинаа со работа, односно се приклучија на штајкот. Сакам да им се извинам на граѓаните уште еднаш за штајкот. Сметам дека со овој предупредувачки штрајк ги предупредуваме властите дека ако им е потребно примарно здравство треба да разговараме, ако мислат дека не е потребно треба да кажат дека не сме потребни и ќе ставиме клуч на вратите. Ние бевме на првата линија кога се појави короната, ние се уште не знаевме дека станува збор за корона, ниту ни дадоа помош, ниту маски и други хигиенски средства да се заштитиме од корона, изјави Асани.

Според податоците на Здружението на матични лекари на ниво на државата,  само во последниве неколку години, 400 амбуланти низ земјава се затворени, а доколку не се решат проблемите ќе следува затворање и на други ординации.

 

Коментари

коментар(и)