(ВИДЕО) Отворено инклузивно игралиште во „Браќа Миладиновци“ по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Со пуштање во употреба на пристапни инклузивни игралишта во кумановското основно училиште „Браќа Миладиновци“ и тетовското „Наим Фрашери“,  Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со партнерските здруженија „Инклузива“ и „Хендимак“ денеска го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со попреченост- 3 -ти декември. Игралиштата се направени во рамките на проектот  „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од Европската Унија, а денешната активност заокружува 15 месеци успешна работа во насока на суштинско вклучување на учениците со попреченост во редовните основни училишта, велат од „Чекор по чекор“.

-464 ученици со попреченост се стипендисти на проектот и добиваат месечни стипендии, 287 наставници и претставници на стручните служби ги подобрија своите знаења за инклузивно образование, диференцирана настава и работа со различни типови на попреченост, опремени се и ставени во функција, сензорни соби во пет училишта, поставени се шест инклузивни игралишта во училишни дворови и доделена е асистивна технологија на четири училишта, обезбедена е туторска поддршка за учениците стипендисти, реализирани е кампања за подигање на јавната свест за важноста од инклузивно образованиe, изјавi Бранка Џајковска, Фондација „Чекор по чекор“

„Целта на одбележувањето на 3-ти декември е да се промовира разбирањето за попреченоста, правата на лицата со попреченост и придобивките кои општеството може да ги извлече од вклучувањето на оваа популација во сите области на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот на заедницата. Овој ден дава можност за интензивирање на активностите за да се постигне целосно учество на лицата со попреченост и еднаков третман на нивните права во општеството“, порачаа денеска од здружението „Инклузива“.

„На лицата со попреченост им е потребна поголема поддршка од заедницата и мора да ја добијат за да ги постигнат истите услови за живот како и другите граѓани. Таа поддршка никогаш не смее да се третира како привилегија, тоа е човеково право . Со нашата работа и резултатите кои се насочени кон интеграција и влијание, ние претставуваме значителен потенцијал и даваме голем удел во животот на целата наша општествена и локална заедница. Како здружение кое ги застапува правата на лицата со попреченост, гордо бараме човекови права и еднакви можности и за поединците и за организациите на лицата со попреченост. Не дозволуваме никој да не маргинализира или дискриминира, да ни го ограничува движењето, да ни ги одзема и намалува правата и да ја потценува нашата работа. Денес упатувам порака до сите кои, според Уставот, законите и непишаните човечки норми на нашата традиција и морал, се должни да слушнат: „Да бидеме едни со други, а не едни до други, но сепак невидливи“, изјави Благица Димитровска од здружението „Инклузива“

„Куманово интензивно работи на подобрување на условите за лицата со попреченост. Денешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост е силна потврда за нашата заложба како општина во унапредувањето на квалитетот на живот на сите граѓани, вклучително и на овие лица“, истакна градоначалникот Максим Димитриевски.

„Наставниот кадар во „Браќа Миладиновци“ нема проблем со инклузијата, а во училиштето речиси и да нема редовна паралелка во која нема инклузиран ученик“, рече директорката на училиштето Јасмина Спасовска.

Проектот соработува и со општествено одговорни компании и во таа насока инклузивното игралиште во ООУ „Браќа Миладиновци“-Куманово е направено со финансиска поддршка од општествено одговорни компании „Алфи Би“, „Проспера“ и „Термалифт“.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“  се реализира во соработка со Министерството за образование и наука.

 

 

Коментари

коментар(и)