(ВИДЕО)Отворен Центар за социјално претпримништво во СОУ „Перо Наков“

Средното општинско училиште „Перо Наков“ отвори Центар за социјално претприемништво со цел на младите да им го приближи концептот за социјалната економија. Центарот претставува креативен простор, во кој младите ќе имаат можност да развиваат идеи за социјални старт-ап компании. Покрај поддршката во образованието на младите, Центарот ќе пружа и стручна поддршка и ќе посредува во поврзувањето на сите заинтересирани страни кои сакаат да се вклучат во работата на социјалните претпријатија или во работата на општествено одговорните компании кои делуваат во пограничниот регион. Ова претставува иновативен пристап на вклучување на образовните институции на пазарот. Средното општинско училиште „Перо Наков“ е партнер на Економско-трговската школа од Врање, која е и носител на прекуграничниот проект „Центри за иновативен развој на социјалното претприемништво – современа перспектива на социјалната интеграција на младите“, кој се реализира на територијата на Србија и Македонија.

На свеченоста на отворањето на Центарот за социјално претприемништво, директорката на СОУ „Перо Наков“ Мила Жибак – Димковска пред присутните истакна дека Центарот ќе ја има функцијата на медијатор меѓу економијата на Македонија и Србија. Центарот ќе го водат наставници и претставници на економскиот сектор, а во неговата работа ќе бидат вклучени и ученици кои ќе пружаат поддршка на сите заинтересирани страни при отворање на социјалните претпријатија.

Проектот го претстави проектниот менаџер Јован Јовановиќ, потенцирајќи дека поврзувањето на младите од Куманово и Врање низ институционалната рамка, треба да придонесе кон зајакнувањето на општествените и економските врски на двете погранични подрачја во рамките на идејата „Отворен Балкан“.

Присутните имаа можност да слушнат и предавања за социјална економија и социјално претприемништво.

„СОУ „Перо Наков“ првпат има прилика, како партнер, да учествува во ИПА прекуграничен проект“, рече Александра Георгиевска, наставник во училиштето и член на проектниот тим.

-Мотивацијата на учениците за нивно вклучување во проектот е на завидно ниво. СОУ „Перо Наков“ за првпат има прилика, како партнер, да учествува во ИПА прекуграничен проект. Разновидните проектни активности им овозможуваат на учениците да стекнат поширока слика за значењето на социјалната економија и социјалното претприемништво. Особено се радуваат на прекуграничните посети и на дружењето со врсниците од Врање. За време на посетите ќе бидат организирани натпревари за социјално претприемништво, како и низа други културно-уметнички настани, за да младите имаат прилика подобро да се запознаат, изјави Александра Георгиевска, наставник во СОУ „Перо Наков“ од Куманово, член на проектниот тим.

Центарот е опремен со компјутерска и канцелариска опрема и претставува простор во кој младите на современ и иновативен начин ќе ги промовираат вредностите на социјалната економија. Отварањето на Центарот за социјално претприемништво, ќе биде реализирано и во Економско-трговската школа во Врање, со што двете погранични страни ќе добијат соодветни услови за поддршка на социјалното претприемништво

Центарот е започнат со финансиска помош и поддршка на Европската Унија. Вредноста на опремата за неговото функционирање изнесува 20.000 евра.

Проектот се имплементира со средства од Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) и е со вредност од 188.713,65 евра и трае 15 месеци. ИПА II е прекугранична програма, која поддржува соработка меѓу две земји и има за цел да ги промовира добрососедските односи, да ја поттикнува европската интеграција, како и општествениот и економски развој.

 

Коментари

коментар(и)