(ВИДЕО)„Патувачки караван“ на градската библиотека

Дваесетина работилници за популаризација на книгата и промоција на македонските автори ќе бидат реализирани во рамките на проектот „Патувачки караван- патуваме и сонуваме“, информира директорката на библиотеката „Тане Георгиевски“, Христина Алексовска. Активностите кои претежно се спроведуваат во руралните училишта се започнати минатиот месец, а денеска работилница на темата „Запознавање со бајки од Македонија“ се одржа во подрачното училиште „Кочо Рацин“ во селото Орашац.

Следната седмица работилници ќе бидат организирани во основните училишта во населбата Иго Тричковиќ и во селата Љубодраг и Черкези, информираат надлежните.

Инаку, библиотеката „Тане Георгиевски“ во текот на 2021 година го зголеми својот книжен фонд за 4.480 библиотечни единици.

– Набавката е спроведена преку три одделни набавки. Набавена е литература за деца и литература за возрасни на македонски, албански, англиски и српски јазик. Во текот на 2021 година се запишани вкупно 3.636 членови, од кои 1.765 во одделот за деца и 1.871 во одделот за возрасни,  изјави директорката на градинката, Христина Алексовска.

Околу 6.000 кумановци се редовни корисници и членови на библиотеката кои редовно зајмуваат книга.

-Дневно на двата оддели за возрасни и деца минуваат околу 250 читатели. Најголем број од читателите се средношколци и студенти кои користат лектири и стручна литература, но значителен е процентот на кумановци од различни генерации кои зајмуваат белетристика, други жанрови.

Со книжен фонд од околу 237.000 примероци, кумановската библиотека е меѓу најдобро снабдените во земјава.

 

Коментари

коментар(и)