(ВИДЕО) СДСМ: Нови и проширување на постојните сообраќајници во градот

Околу 60 милиони денари годишно, средства од општинскиот буџет за изградба на нови и реконструкција и проширување на постојните сообраќајници во градот, предвидува СДСМ во својата предизборна програма.

„Со тоа ја зголемуваме безбедноста на учесниците во сообраќајот и ќе го подобриме сообраќајниот крвоток на градот“, рече на денешната прес-конференција Александар Јовановски, кандидат за советник од коалицијата предводена од СДСМ.

-Современиот начин на живот бара современи инфраструктурни решенија прилагодени на времето во кое живееме. Затоа во програмата „Најдоброто за Куманово“ во мандатниот период 2021 – 2025 година предвидуваме реален и финансиски издржан патоказ за развој на инфраструктурата. Примарна цел претставува поврзување на Куманово со регионот со цел развој на локалната и регионалната економија. Во таа насока, предвидуваме продолжување на булеварот „Октомвриска револуција“ и негово поврзување со автопатот Е – 75 со што ќе се растерети сообраќајот и ќе се овозможи брз проток на возила, односно ќе се избегне метежот низ центарот на градот, изјави Александар Јовановски, кандидат за советник од коалицијата на СДСМ

Долгогодишниот проблем со паркинг местата во Куманово, според Јовановски, СДСМ ќе го решава со изградба на три катни гаражи со вкупно 1418 нови паркинг места, а до крајот на мандатот ќе се обезбеди и промена на примарната водоводна и канализациона мрежа и изградба на мрежа во населените места каде што нема.

„СДСМ има план и забрзана гасификација на Куманово со цел заштита на животната средина и намалување на трошоците на граѓаните и индустријата“, посочи Јовановски.

Коментари

коментар(и)