(ВИДЕО)Се подготвува планската програма за изработка на ГУП

Во тек е тендерската постапка за избор на економски оператор кој ќе ги изготви ажурираните геодетски подлоги кои се неопходни за планската програма за изработка на ГУП, рече раководителката на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис -Јаневска на последната седница одговарајќи на советничко прашање во врска со ГУП. Согласно трипартитниот договор потпишан минатата година помеѓу општина Куманово, министерството за транспорт и врски и Агенцијата за планирање на просторот, општината треба да ја обезбеди планската програма, која за изработка е доверена на ЈП „Куманово план“.

„Планската програма е изработена текстуално, но, за да биде одобрена и спроведена потребно е да биде ставена и ажурираната геодетска подлога“, појаснува Сларидис – Јаневска.

-Согласно првичниот трипартитен договор ажурирањето беше обврска на министерството, меѓутоа по неколку обраќања ни беше кажано дека доколку чекаме да ни биде изготвена ажурираната геодетска подлога од страна на Агенцијата за катастар и недвижности и на министерството ќе треба да почекаме малку подолг временски период односно после град Скопје, после Тетово дури тогаш ќе дојдеме ние на ред. Затоа вие како претставници на советот ја изгласавте Програмата за урбанистичко планирање на територијата на општина Куманово за 2022 година, во која што ние како општина обезбедивме средства за финансирање на изработката на ажурираните геодетски  подлоги, меѓутоа за истата да биде спроведена како постапка за јавна набавка ни беше потребно потпишување на Aнекс на договор помеѓу општина Куманово, министерството за транспорт и врски и Агенцијата за планирање на просторот. Овој анекс на договор е потпишан на 03.март 2022 година. Веднаш е пристапено кон изготвување на тендерска постапка и во овој момент тендерската постапка е во тек за избор на економски оператор кој ќе ги изготви ажурираните геодетски подлоги, рече Емилија Сларидис -Јаневска, раководител на Сектор за урбанизам во општина Куманово

Рокот за изработка на ГУП согласно трипартитниот договор е 36 месеци откако општина Куманово ќе ја достави одобрената планска програма на Агенцијата за планирање на просторот.

Иако станува збор за сложена и скапа постапка, ГУП ќе понуди решенија за многубројните проблеми со кои се соочува градот изминативе децении. Генералниот урбанистички план треба да обезбеди нови сообраќајни решенија со кои ќе се реши метежот, формирање нови населби, повеќе зеленило, пешачки зони, ефикасен јавен транспорт, уредени простори наменети за сите.

Коментари

коментар(и)