ВИДЕО:Се подобруваат условите за живот на лицата со попреченост и на старите лица

„Ублажување на ефекти и последици од Ковид 19 на најранливи групи во општеството со посебен фокус на стари лица и лица со попреченост“ е проект на регионалниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака наша“ и домот за стари лица „Зафир Сајто“ кој што денеска беше презентиран пред претставникот на Министерството за социјална политика од Австрија и општина Куманово.

Преку проектот кој финансиски целосно е поддржан од Министерството за труд и социјална политика на Австрија, ангажирани се осум негуватели кои даваат услуги на лицата со попреченост и на старите лица во домашни услови во Куманово.

– Овој проект треба да се имплементира, да почнува и да заврши некаде на крајот на месецот февруари 2023 година. Во меѓувреме, општина Куманово заедно со здружението ќе се погрижи да стапи во контакт со нашето ресорно министерство и да побара дополнителни средства во дел на одржливоста на самиот проект, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово

Иницијативата за проектот од двете институции, почнала пред две години бидејќи надлежните увиделе дека е потребен домашен сервис за грижа на двете ранливи категории на подрачјето на Куманово. Проектот почна со реализација на 1 септември минатата година.

– Целта е да пружиме услуга која е неопходна за сограѓаните кои бараат вакви услуги, бидејќи капацитетите за сместување се лимитирани и не можат да одговорат на потребите на сите. Сервисот не е нешто ново го има во Европа и ќе понуди поинаков модел на грижа. Преку проектот кој чини околу 80.000 евра набавено е и возило, изјави Дејан Стојановски, директор на Домот за стари лица „Зафир Сајто“

-Негувателките посетуваа двомесечна обука во Црвениот крст во Куманово, се стекнаа со сертификати и со назив негувателки. Од февруари, годинава веќе се на терен ги посетуваат двете категории корисници и пружаат нега, набавка на лекови, намирници, поддршка при посета на лекар, помош во домашни обврски. Проектот ќе заврши во февруари, наредната година и дотогаш ќе почне процесот на лиценцирање и ќе се овозможи проектот да продолжи со поддршка на надлежните институции, изјави Мартина Костовска, психолог во „Порака наша“

Во рамките на проектот набавено е и моторно возило за реализирање на посети на сите локации, апарати за мерење крвен притисок и униформи.

Коментари

коментар(и)