(ВИДЕО)Се реконструира атмосферската канализација на кружниот тек

Екипите на јавното претпријатие „Водовод“ ја реконструираат атмосферската канализација на кружниот тек, соопштија надлежните од претпријатието. На потегот  кај „ Митев мост“ постои атмосферска канализација, но поради изградбата на кружниот тек се поставуваат нови бетонски цевки.

– Екипите на „Водовод“ поставуваат двојни цевки во должина од 70 метри. На овој начин ќе се обезбеди прием на поголема количина на вода и ќе се избегне заезерување на кружниот тек и ќе се овозможи безбеден сообраќај, изјави директорот на јавното претпријатие, Оливер Стојмановски.

Ова е инвестиција на општина Куманово во рамки на целосната изградба на кружниот тек.

Инаку, продолжуваат и другите градежни активности за новиот кружен тек на крстосницата помеѓу двата булевари „Октомвриска Револуција“ и „Трета Македонска Ударна Бригада“. Предвиден е нов асфалтен слој со површина од 5.560 метри квадратни, паркинг простор со површина од 405, тротоари со површина од 2.050 метри квадратни, нови бетонски рабници во должина од 1.285 метри. Во рамки на кружнит тек е предвидено средно зеленило со површина од 1.550 метри квадратни На пешачките премини, острови и тротоари ќе бидат спуштени бетонски рабници за непречено движење на пешаците, лицата со попреченост и мајки со колички. Предвидено е поставување на нова вертикална и хоризонтална сигнализација од 450 метри квадратни. Од општинскиот буџет за изградбата на новиот кружен тек одвоени се 35 милиони 868.459, 85 денари со вклучен данок на додадена вредност, а на тендерот избран е најповолниот изведувач, струмичката фирма, „Жикол“. Тендерот заврши во август, лани.

 

 

Коментари

коментар(и)