(ВИДЕО)Сите заедно за почисто Куманово, порачаа гимназијалците

Секој човек треба да има развиена еколошка свест е пораката од денешната трибина што се одржа по повод Денот на пролетта и екологијата во гимназијата „Гоце Делчев“. Училиштето преку учениците во тимовите за екологија, активот по физика, но и со вклученост на останатите ученици изминатиот период спроведе активности за утврдување на моменталната состојба со чистотата на градот. Учениците извршиле еколошка патрола низ градот и направиле фотографии кои се употребени за денешната презентација во гимназијата на тема: Сите заедно за почисто Куманово.

-Како и секоја година и оваа година организираме пригодни активности. Прво, на класниот час имавме презентација во врска со екологија и справување со отпад, тоа е една оригинална емисија која пред неколку години одеше и на телевизија, така што сега на секоја генерација ја прикажуваме што е многу битно за рзвивање на еколошката свест. Покрај тоа, имаме организирано трибина на која имаме организирано делење на флаери меѓу граѓанството, веќе пуштивме ученици кои ги направија флаерите и кои ќе ги поделат на граѓанството со цел да ја разбудиме еко свеста кај нашите граѓани, пред се, не само нашите ученици, бидејќи мора да признаеме дека еко свеста ни е на едно незавидно ниво и многу треба да се работи на будење и на враќање во она што би кажале еко нормала , јас би кажала бидејќи сега имаме огромни еколошки проблеми, изјави Ленче Јаневска, професор по биологија и член на еко тимот во гимназијата.

Целта на денешната презентација е да се развие еколошката свест кај граѓаните, а не да се критикува, истакна професорот Костадин Димитриевски, член на активот по физика при СОУ Гимназија „Гоце Делчев“. Активот по физика се вклучи во оваа активност бидејќи во наставната програма се изучува физика на животна средина, посочува Димитриевски.

-Учениците од четврта година ги пративме низ градот да ја скенираат состојбата при што направија стотици фотографии, од кои ја направивме оваа презентација, која е поделена во повеќе групи. Опфаќа повеќе целни групи, меѓутоа поентата е не да се критикува, туку да се развие еколошката свест кај граѓаните за да може Куманово да биде почист и поубав град. Факт е дека екипита на ЈП „Чистота и зеленило“ се на терен, дека има современи контејнери меѓутоа има и работи, посебно, околу зградите оние зелени површини кои што се претворени во мини депонии или ѓубришта и мислам дека нашиот аспект е токму тука преку апелирање до граѓаните, станарите, до сите најразлични видови на продавници како сите заедно сето тоа да го ставиме во контејнер и да се исчисти депонијата, а не да биде околу зградите. Тоа е и прашањето на нашата презентација да видиме чија е одговорноста, надлежноста, па да ги активираме на некој начин ако може управителите на зградите преку станарите, сите заедно да видиме како да го решиме тој проблем, изјави Димитриевски.

Освен ученици и наставници, на трибината присуствуваа и претставници од ЈП „Чистота и зеленило“, Инспекторатот за животна средина, граѓани.

 

 

Коментари

коментар(и)