(ВИДЕО)Средношколец оди пеш неколку километри заради укината линија

Во пет часот изутрина 15-годишниот Небојша Бојковски од Никуљане секој ден излегува од дома и сам оди пеш до соседните села Челопек или Старо Нагоричане од каде што со автобус се вози до центарот на Куманово за да стигне навреме на првиот училишен час во техничкото училиште „Наце Буѓони“.

„Кога има среќа да не го пресретнат кучиња на патот стигнува на училиште“, вели неговата мајка Анка, но, се случува Небојша да отсуствува од наставата поради страв да го продолжи патот сам во најраните утрински часови, кога се уште не е разденето.

Како што објаснува загрижената мајка, од почетокот на учебната година, па се до крајот на првото полугодие имало обезбеден превоз за учениците, но, од второто полугодие нејзиниот син оди пеш по најмалку три километри во еден правец заради укинaта линија. Побарала помош од општина Старо Нагоричане, од техничкото училиште, од Секторот за образование, но досега проблемот не е решен.

-Проблем е што превоз нема никаков и мојот син оди пеш од Никуљане до Челопек неколку километри. Од таму го зема комби до Куманово и потоа оди на училиште. Од второто полугодие нема превоз, бевме кај градоначалничката,  таа не испрати кај директорот на училиштето. Тој ни вели да одиме во општина Старо Нагоричане, бидејќи проблемот не е во училиштето. Бев и во Сектор за образование, но и таму ништо не ми кажаа.  Синот станува во пет часот, од дома тргнува пеш во 05.15 часот, а во шест часот комбито тргнува за Куманово. Минатиот пат го пресретнале кучиња и тој се врати назад, не отиде на училиште. Има и други  деца од Никуљане, но во различна смена се и во други училишта учат. Возачот на линијата во Челопек му вели на Небојша дека нема право да го вози бидејќи го нема во листата, а тој мора да оди на училиште, заарди што почесто се вози во комбито од Старо Нагоричане до Куманово.

Апелирам до надлежните што побрзо да го решат проблемот со превоз на учениците, изјави Анка Бојковска, жител на село Никуљане

„Запознаен сум со проблемот за превоз на ученикот, но, во случајов, станува збор за меѓуопштински превоз кој е во надлежност на општина Старо Нагоричане“, вели директорот на техничкото училиште „Наце Буѓони“, Драган Јаневски.

И градоначалничката на општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска  е запознаена со проблемот, објаснувајќи дека превозникот што ја возел линијата Куманово- Никуљане -Старо Нагоричане сметал дека е економски неисплатлива заради што навремено ја известил општината и го раскинал договорот за превоз.

За проблемот веднаш била известена и општина Куманово, посочува Јовановска.

„Бидејќи се работи за меѓуопштински превоз, единственото решение е општина Старо Нагоричане заедно со општина Куманово да распише нов оглас за линијата. Доколку има интерес од страна на некој превозник, проблемот ќе се реши, но, ако нема интерес, тогаш проблемот останува“, вели Јовановска.

Освен Небојша, со истиот проблем секојневно се соочуваат уште тројца ученици од Никуљане.

Инаку, во подрачното училиште во селото учат само двајца ученика. Во училиштето настава следат ученици од прво до петто одделение, а учениците од шесто до деветто одат во училиштето во Младо Нагоричане.

 

Коментари

коментар(и)