ВИДЕО: Библиотеката „Тане Георгиевски“ набави нови книги

Библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово го збогати книжниот фонд, а значајно се зголемил и бројот на читателите годинава, информираат надлежните. Според директорката Христина Алексовска, набавката на нови книги се должи на зголемените потреби на корисниците на услугите на оваа јавна општинска установа, а бројката на зачленетите годинава се зголемила за повеќе од 2.000 споредбено со лани. Кумановската библиотека три пати годишно спроведува набавка на книги.

-Библиотеката „Тане Георгиевски“ секогаш акцентот го става на популаризација на книгата, развој на читањето пред се кај младите личности, развој на креативноста како и промовирање на книгата како вистинска вредност кај луѓето. Библиотеката секогаш го следи трендот на новите изданија така што големиот број на читатели се должи на новите изданија кои што ги набавивме. Имаме набавено многу книги оваа година. Целокупниот книжен фонд изнесува околу 240.000 библиотечни единици. Се надевам дека со тоа нашите читатели ќе бидат задоволни. Во моментот работиме на набавка на лектири за основните и за средните училишта на македонски и на албански јазик со што се надеваме дека целосно ќе ги задоволиме потребите на учениците од основните и средните училишта. Традиционално секоја година библиотеката со почетокот на учебната година има бесплатни уписи за второодделенците од нашите училишта, а за останатите ученици од основните и средните училишта има групни зачленувања кои траат со попусти. Континуирано имаме нови членови, за разлика од претходните години имаме многу повеќе читатели така што можам да истакнам дека имаме некаде околу 1.000 нови читатели оваа година и во одделението за возрасни и околу 1.200 во одделението за деца со тоа што до крајот на годината бројката сигурно ќе се зголеми бидејќи остануваат над три месеци до новата година, изјави Христина Алексовска, директор на библиотеката „Тане Георгиевски“

Како и претходните години, библиотеката и оваа година ќе ја организира манифестацијата „Месецот на книгата“, како и натпреварот „Млад библиотекар“.

-Во моментот работиме на подготовка на „Месецот на книгата“ кој ќе се одржи од 15 октомври до 15 ноември,  ќе организираме награден литературен  и ликовен конкурс  за учениците во основно и средно образование,  а ќе организираме и натпревар „Млад библиотекар“ со што најдобриот учесник ќе ја претставува библиотеката на Републичкиот натпревар, изјави Алексовска.

Дел од активностите на библиотеката се и промоции на книги на познати писатели. Надлежните од „Тане Георгиевски“ ги повикуваат кумановци да ја проследат промоцијата на книгата „Ехото на виножитото“ од Гордана Поповиќ, која ќе се одржи на 27 септември ( вторник) со почеток во 18 часот.

Коментари

коментар(и)