ВИДЕО: Велигденски базар во ООУ „Магдалена Антова“

Во пресрет на големиот христијански празник  Велигден, денеска во основното училиште „Магдалена Антова“ се одржа традиционалниот Велигденски базар. Голем број ученици, родители, случајни минувачи дојдоа во дворот на училиштето да ги посетат тезгите на кои што беа изложени велигденските украси изработени од учениците заедно со дел од наставниците и секако да си купат по некоја рачна изработка.

-Денеска одржуваме Велигденски базар со мојата колешка Оливера, професорка по музичко и има многу интерес, дури сме пријатно изненадени од посетеноста. Изработките од рециклиран материјал ги подготвувавме околу еден месец. Цените се симболични да можат да си дозволат сите да си купат по некој велигденски украс. Имаме и колачиња, да се засладат посетителите кои се направени лично од децата, така што без помош на учениците и без колешката ништо немаше да направиме и јас сум среќна што има многу голем интерес за денешниот базар, изјави Симона Димковиќ, наставник по ликовно образование

Средствата кои што ќе бидат собрани на денешниот Велигденски базар ќе бидат наменети за потребите на учениците и на училиштето.

-Во нашето училиште е традиција пред Нова година и пред Велигден да се организираат Новогодишен и Велигденски базар. Покрај сите активности кои што се спроведуваат, тука се и креативните изработки и идеи на наставниците кои што поттикнуваат учениците да се вклучат во активностите. Собраните средства ќе бидат наменети за потребите на учениците во училиштето, изјави Живко Стојковски, директор на ООУ „Магдалена Антова“

Вакви активности по повод Велигден се организираат и во останатите училишта во градот.

Коментари

коментар(и)