ВИДЕО: Во тек аудиција за фестивалот „Распеано детство“

Здружението за уметност, култура и заштита на културно наследство Етно ризница од Куманово информира дека тече пријавувањето, односно аудицијата за учество на детскиот фестивал „Распеано детство“.

Станува збор за најстариот детски музички фестивал, кој минатата година беше возобновен, а годинава ќе се одржи 17-тото издание. На фестивалот лани настапија дечиња од Куманово, Скопје и Крива Паланка, но и од Бугарија.

Организаторите посочуваат дека годинава конкурсот трае до 15-ти декември. Заинтересираните талентирани млади треба да достават видео запис со испеана песна. Аудицијата согласно ковид протоколите ќе биде онлајн.

-Фестивалчето е едно од најстарите во нашата земја. Ние како здружение Етно ризница ќе го организираме втора година по ред, со тенденција да биде традиционално бидејќи на Куманово навистина му треба вакво фестивалче. Инаку фестивалот ќе се одржи по 17-ти пат. Минатата година беше 16-тото издание односно возобновување на фестивалчето, имавме 20 композиции, на самото возобновување фестивалот беше меѓународен, согласно ковид протоколите. Имавме гости од Бугарија, на кои учеството им беше онлајн, имавме две песни од Бугарија. Инаку фестивалот има воспоставено реалации со голем број фестивали во земјава и надвор од неа. И оваа година најавуваме учество на деца, изведувачи од Црна Гора, Албанија, Србија, Косово, Бугарија и нормално земјава, и кумановчиња- истакна Драган Митевски, претседател „Етно ризница“ Куманово.

По извршената селекција авторите ќе подготват композии кои ќе бидат снимени во студио. Фестивалот „Распеано детско“ како што информираат од здружението,  е предвидено да се одржи на 27-ми мај наредна година, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

-Оваа прилика би сакал да ја искористам да се заблагодарам на националната установа Центар за култура од Куманово со кој здружението има добри релации, секогаш ни излегуваат од пресрет за организирање на манифестации на кои како организатор се јавува Здружението Етно ризница. Самиот фестивал годинава е планиран да биде спектакуларен со учество на голем број аниматори (кловнови, циркуски артисти), сценографијата да биде побогата-дополни Митевски.

Од Здружението истакнаа дека песните создадени на минатогодишниот фестивал наишле на одличен прием кај публиката.

Фестивалот „Распеано детство“ за прв пат бил организиран во 1976-тата година, а тогаш зад него застанале Борис Христовски – Грк, маестро Миодраг Божиновски – Мичо, Зијадин Исмаили, Томислав Златановски и  Ѓоко Симоновски зад кои била и културно просветната заедница на Македонија како и писателот Среќко Поповски, еден од првите учители во Куманово. Имал 9 изданија, па мала пауза. Повторно се возобновил во 1999 година во организација на тогашниот „Дом на пионери 29 ноември“ кога се одржале  6 изданија.

Заинтересираните можат да се пријават на следниве телефонски броеви: 078 26 36 99 и 070 67 18 15

Коментари

коментар(и)