(ВИДЕО) Гимназијата и техничкото училиште најатрактивни за полуматурантите

Во тек е првото пријавување од јунскиот рок за запишување во средните училишта според критериумите утврдени во Конкурсот на Министерството за образование и наука.  Во Куманово најголем интерес за упис во прва година досега има за гимназијата „Гоце Делчев“ и за техничкото училиште „Наце Буѓони“. Во средното техничко училиште се пријавиле  235 ученици со настава на македонски јазик, од вкупно слободните 306  места со настава на македонски јазик.

Во Гимназијата „Гоце Делчев“ вкупно можат да се запишат 340  ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик во три подрачја со комбинација А и Б, природно -математичко подрачје, општествено –хуманистичко и јазично- уметничко подрачје.

Средното стручно училиште „Перо Наков“ располага со 288 слободни места за ученици на македонски наставен јазик кои можат да се запишат во 9  паралелки, во  економско -правна и трговска и текстилно-кожарска струка.

Досега за ова училиште, велат надлежните,  интерес покажале околу 90 полуматуранти, но вообичаено бројката се зголемува со последното пријавување.

Во прва година во државното средно училиште „Киро Бурназ“, според Конкурсот  можат да се запишат 295  ученици со настава на македонски јазик распоредени во 10 паралелки, во еден од четирите сектори застапени во училиштето: Земјоделство, рибарство и ветеринарство, Хемија и технологија, Лични услуги и Машинство. Најголем интерес досега има за земјоделско- ветеринарната струка – 50 пријави, информира директорката на училиштето Весна Трајковска, додавајќи дека поголем број пријави очекуваат во следните пријавувања од јунскиот рок.

Ранг-листите со запишани ученици ќе бидат објавени в петок ( 19 јуни) по 15 часот.

Според роковите од Конкурсот, второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни, а третото пријавување ќе биде на 29 јуни.

Инаку, година првпат ќе има СТИПЕНДИРАЊЕ на учениците кои што се запишуваат во ПРВА година во средните СТРУЧНИ училишта.

Министерството за образование и наука  ќе додели стипендии на ученици од прва година кои реализираат наставни планови и програми од електротехничка струка и машинска струка, со претходен успех според критериумите на Министерството, во месечен износ од 3500 ден.

Исто така, се доделува стипендија и на ученици кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење исто така во месечен износ од 3500 ден.

Во врска со стипендирањето, директорката на „Киро Бурназ“ Трајковска посочува дека стипендија во износ од 3500 денари ќе добијат сите ученици во паралелките со дуално образование во секој образовен профил, додека останатите ученици имаат право да аплицираат за стипендија што ја доделува МОН во висина од 2200 денари.

Коментари

коментар(и)