ВИДЕО: Граѓаните да пријавуваат дискриминација

Што е дискриминација, како да ги препознаеш формите, но и како да пријавиш дискриминација, беа темите на денешниот настан организиран од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на градскот плоштад.

„Промотивната активност на комисијата е со цел да се запознаат граѓаните дека постои институција која се грижи за нивните права доколку тие се дискриминира“, посочува претседателот на комисијата, Кире Василев потенцирајќи дека секој граѓанин може да пријави дискриминација, без разлика дали се чувствува дискриминиран од страна на државните органи или приватни субјекти.

Во првите шест месеци годинава Комисијата за спречување и заштита од дискриминација примила 122 пријави за заштита од дискриминација поднесени од страна на физички и правни лица. Во истиот период Комисијата отворила и 6 предмети за заштита од дискриминација по службена должност, што значи дека вкупниот број на претставките изнесува 128. Но, по постапувањето на Комисијата , во 40 случаи била утврдена дискриминација. Според Василев, најголем број од поднесените претставки годинава се однесуваат на дискриминирачки говор во медиумите , а особено на социјалните мрежи.

-Утврдени се скоро сите облици на дискриминација кои се пропишани со законот, директна, индиректна, продолжена дискриминација. Минатата година најмногу имавме претставки поврзани со дискриминација во работата и работните односи, а оваа година моментално предничат претставките за дискриминирачки говор во медиумите и на социјалните мрежи. Комисијата постои од јануари 2021 година, изјави Василев.

Промотивните активности на комисијата кои се реализираат во повеќе градови во земјава, Битола, Струмица, Тетово се поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Коментари

коментар(и)