(ВИДЕО) Димитриевски: Следните 4 години се период на ренесанса

Периодот 2021-2025 ќе биде период на ренесанса и градба на нашата општина за еден модерен и европски лик, бидејќи тоа го заслужува Куманово, посочи на синоќешната конвенција кандидатот за градоначалник на Куманово од граѓанската листа За Наше Куманово, Максим Димитриевски, презентирајќи ја изборната програма. Димитриевски вети нови паркови, зеленило, кружни текови, реконструкција на училишта. Нагласи дека досега се реализирани 400 инфраструктурни проекти, водовод, канализации спортски игралишта. Дополни дека општината за прв пат е финансиски стабилна. Но укажа и дека државата не му се раздолжила на Куманово. Повика и да запрат притисоците.

-Во следните четири години Куманово ќе добие пет нови кружни текови. Во делот на зелено Куманово целосно реконструкција на стариот градски парк, смарт модерен парк, со детски катчиња, спортски игралишта, мини паркинг и други содржини кои се налик на оние кои што ги направивме на Спомен Костурница. Целосна изградба и на нов парк на локалитетот Проевце, реконструкција на основни и средни училишта-нагласи Димитриевски.

Пред присутните се обрати и носителката на листата „За наше Куманово“, Ивана Ѓорѓиевска, која најави нови детски градинки, детски катчиња и спортски терени. Нагласи дека нивната листа е со квалитетни луѓе, докажани во својата работа.

Она што е предвидено се отворање на три градинки и тоа во населба Карпош, Зелен рид и Бајрам Шабани. Ќе изградиме детски катчиња во секоја урбано место и месна заедница, ќе дадеме помош и поддршка на самохраните родители, родители кои земаат социјална помош.  Бидејќи сме домаќини ќе вложиме во гасификација на училиштата, во енергетска ефикасност ќе ги доградуваме и доопремуваме училиштата затоа што новата концепција за основно, а здравје и за средно ни е на врата и мора да го изгураме како што треба, смарт табли, дигитална опрема и надгледни средства. За младите и средношколците ќе формираме средношколски младински центар –нагласи таа.

Кандидатот за советник, Николај Павловски посочи дека ќе биде советник за сите граѓани. Укажа дека на народот му е доста од поделби и притисоци.

Коментари

коментар(и)