ВИДЕО: Жителите на Старо Нагоричане задоволни од условите за живот во селото

Новоизградени или реновирани старите куќи, нови викендички, цели семејства -повратници од градската во рурална средина, уредена инфраструктура, развиено земјоделство е она по што се разликува селото Старо Нагоричане од останатите во Козјачкиот регион. Но, заедничко за четириесетте населени места во општина Старо Нагоричане е тоа што нема здравствена ординација, па жителите се принудени да патуваат околу 14 километри до градот за преглед кај лекар. Но, и тоа не проблем кога останатите услови за живот се солидни, велат мештаните.

Кумановците Милован Трајковиќ и Бранко Зафировиќ се дел од оние граѓани кои што по пензионирањето, урбаната средина ја заменуваат со рурална, односно продолжуваат да живеат во Старо Нагоричане, далеку од градскиот метеж и тн. брзо секојдневие. Велат, нема масовно иселување од селото, но, секако ги оправдуваат помладите кои што заради подобра економска егзистенција го напуштаат селото и најчесто заминуваат на работа во западноевропските земји.

-Јас во претходниот период бев изложен на една турбуленција, работа со луѓе како адвокат, веќе една година сум пензионер и си живеам овде на еден спокоен и мирен начин, без некои тензии, нервози, градски гужви и слично. Во Старо Нагоричане има идеални услови за живеење, најголемите проблеми околу комуналните работи се завршени, средени, така што има квалитетна инфраструктура, пат, струја, вода, блиску е до град за 10-15 минути сме во град за наши потреби. Народот овде е навикнат да работи амбулантата која со години работеше и своевремено имаше дежурен лекар, стоматолог и аптекар 24 часа, но подоцна со транзициските работи, промена на законската регулатива околу давање на здравствени услуги, се утврдува дека не е исплатливо да работи еден лекар со намален број на пациенти во однос на котизацијата што ја имаат. Цели семејства ретко се иселуваат, но кај помладите има интенција да одат на Запад заради економски причини, но има една друга позитивна работа од ковидот. Има семејства кои што се враќаат назад во селото, има изградено поголем број на куќи, викендички каде што живеат и повратниците овде, изјави Милован Трајковиќ, пензионер-повратник во село Старо Нагоричане.

-Не е лошо за живот во Старо Нагоричане. Имам куќа во Куманово, но по пензионирањето се преселив овде, се занимавам со земјоделство, ниви, трактор. Има две продавници, нема лекар во селото, има амбуланта и стара и нова, но нема лекар, изјави Бранко Зафировиќ, пензионер- повратник во с.Старо Нагоричане

Задоволни од животот на село се и останатите жители кои што сакаа своето секојдневие да го споделат со екипата на Телевизија Плус. Речиси единствено нешто што ги загрижува периодов се зголемените цени на прехранбените и земјоделските производи, но се надеваат дека со замрзување на цените, ценовниот шок ќе се ублажи.

-Добро се живее овде, убаво е селото, има луѓе, амбуланта има, но лекар нема, во Куманово одиме на лекар, но не е проблем, Куманово е близу. Има продавници две има во селото, се занимаваме со земјоделство, некои одат на работа и така, малку се почувствува разликата со зголемување на цените, рече анкетиран жител на село Старо Нагоричане.

Во општината има четириесетина археолошки наоѓалишта, 14 некрополи, шест археолошки објекти.

Црквата Свети Ѓорѓи која била подигната на остатоците на постар храм кој имал базиликален облик од XI век, Испосницата на Свети Прохор Пчински, Костоперска карпа, Меморијален центар АСНОМ, мегалитската опсерваторија Кокино, геотермалната бања Стрновац се само дел од културните и природни знаменитости и богатства на Старо Нагоричане.

Инаку,  општина Старо Нагоричане  како општина е формирана 1996 година, претходно беше во рамките на општина Куманово.

 

Коментари

коментар(и)