(ВИДЕО) Започна електронското пријавување на идните средношколци

Денеска и утре е првото пријавување на учениците за средно образование. Идните средношколци годинава првпат аплицираат електронски преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука  https://e-uslugi.mon.gov.mk  со специјална најава за средношколците преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.

-Во текот на уписите за 2022-23 година има измени со тоа што учениците веќе електронски се најавуваат на официјалната страна од страна на МОН и електронското пријавување ќе биде до 15.06. 2022 до 12 часот. На 16 јуни веќе ќе започнат учениците да ги донесуваат документите во нашето училиште, од наша страна се е организирано, комисиите веќе се одредени, ќе се донесуваат документите со што ќе се прави проверка на истите документи кои што се прикачени на апликацијата за пријавата од страна на МОН. Во Гимназијата „Гоце Делчев“ во прва година ќе се запишат 330 ученици во 10 паралелки. Има 330 слободни места, од кои што 30 места се за ученици кои што сакаат да ја следат наставата на српски јазик, останатите 300 се на македонски, од кои што една паралелка е билингвална, проект кој што датира уште од 2000-та година, изјави Марија Тодоровска, директор на гимназијата „Гоце Делчев“

Средното општинско училиште „Перо Наков“ од следната учебна година нуди нов профил- техничар за електронска трговија и дигитален маркетинг.

-Започнуваме со електронско пријавување првпат, интерес има од учениците, утрово доаѓаа ученици кои имаа потешкотии или беа несигурни за електронското аплицирање, обезбедивме тим кој што им помага на учениците во самото аплицирање. Слободни  места има 445 ученици, 16 паралелки. Нудиме нов профил од септември- техничар за електронска трговија и дигитален маркетинг, изјави Мила Жибак- Димковска, директор на СОУ „Перо Наков“

Две нови струки се воведуваат  и во Државното средно училиште Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“. Идните средношколци имаат можност да го продолжат своето образование запишувајќи се во здравствена струка -фармацевтски техничар и сообраќајна струка- техничар за патен сообраќај. Освен новите струки, во „Киро Бурназ“ учениците може да го продолжат своето образование во земјоделско – ветеринарна струка,  хемиско – технолошка струка, машинска струка и во профилот Лични услуги.

Општинското средно техничко училиште „Наце Буѓони“ во прва година може да запише 671 ученици во 20 паралелки  во машинска струка со три профили, електротехничка струка со 4 профили и здравствена струка со профилот медицинска сестра.

Прелиминарната ранг листа на запишани ученици се објавува на 16-ти  јуни 2022 година на интернет страницата на Министерството за образование и наука  www.mon.gov.mk, односно на https://e-uslugi.mon.gov.mk  најдоцна до 09:00 часот.

Доставувањето на потребната документација  до училиштата е на 16-ти  јуни од 12.00 часот до 19.00 часот и на 17-ти  јуни од 07.00 часот до 19.00 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.

Коментари

коментар(и)