ВИДЕО: Започна уписот на првоодделенците

Започна уписот за ученици во прво одделение за учебната 2022/23 година. Во сите општински основни училишта уписот е со физичко присуство, а се запишуваат деца родени во текот на 2016-та година, а може да се запишат и родените во јануари 2017-та година.

-Потребни документи за запишување се копија од извод на детето, потврда за примена вакцина од надлежна установа, потврда од стоматолог, потврда од офтамолог и секако документ за идентификација на родителот. Уписите се вршат со физичко присуство, но ако родителите не се во државата или од било која друга оправдана причина тоа може да го сторат и електронски на веб страната услуги.гов.мк. Што се однесува до бројката што како Сектор за образование ја имаме добиено согласно матичните книги, бројката на ученици кои треба да се запишат во прво одделение изнесува 1.080 ученици распоредени реонско, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование во општина Куманово

Јовановиќ потенцира дека секое училиште е должно да си ги прифати своите реонски обврзници. Апелира да се почитува реонизацијата при запишување на првачињата бидејќи во спротивно може да реагира Државниот просветн инспекторат.

-Би сакал да упатам апел секое училиште да си ги опфати своите реонски обврзници, реонот е поделен, секое училиште си има свој дел кој може да ги запише учениците, родителите се должни да се обратат во реонското училиште. Постои законска регулатива по која еве апелирам јавно и до родителите и до директорите, да се почитува, бидејќи во спротивно ќе има санкции од страна на Државниот просветен инспекторат, будно ја следиме ситуацијата, точно наталитетот со години е паднат, миграцијата во државата и нашата општина е во подем, но она што е најважно е дека родителите треба да ги запишат во реонот во кој престојуваат. Законската регулатива вели дека може да се запише во друго реонско училиште ако има слободни места во тоа тоа училиште, но по претходно прибавена согласност од училиштето во кое детето е реонски обврзник, изјави Јовановиќ

Споредбено со претходната година незначително е намален бројот на првоодделенците пред се како резултат на трендот на иселување и миграција во западноевропските земји, но и падот на наталитетот во земјава, посочува Јовановиќ.

Инаку, согласно новиот закон за основно образование од 2019 година предвидена е бројка од 20 до 30 ученици во паралелка, а за паралелките со помалку од 20 ученици се бара согласност од МОН.

Коментари

коментар(и)