(ВИДЕО) Илиевски: Ја поднесов кандидатурата и програмата за градоначалник

Актуелниот секретар на општинската организација на СДСМ во Куманово, Оливер Илиевски, ја поднел кандидатурата, но и програмата со која од матичната партија ќе бара поддршка, тој да биде иден градоначалник на најголемата општина во државата.

-Јас поднесов кандидатура до матичната партија за градоначалник на Куманово, на кој таа функција ќе му биде работно место од првиот до последниот ден на мандатот. На таа функција ако гледате како на работно место, на кое ќе работите во интерес на граѓаните од првиот до последниот ден само така ќе бидете успешни-истакна тој.

Илиевски се надева дека до 5-ти јули до кога и важи рокот за поднесување кандидатури во СДСМ, ќе има и други кандидати. Централното партиско раководство подоцна ќе спроведе анкета, на која ќе го испита јавното мислење, ќе ги разгледа програмите, и врз основа на тоа ќе го избере најдобриот кандидат кој ќе влезе во трката за градоначалник на Куманово.

-Рокот требаше да важи до 28-ми јуни, но бидејќи беше скратено 4 дена, истиот е пролонгиран до 5-ти јули и се надевам дека ќе имаме повеќе кандидати, бидејќи секогаш конкуренцијата е добредојдена. СДСМ  е демократска партија, партија со граѓаните и затоа треба да имаме повеќе понуди и да ја избереме најдобрата понуда за граѓаните на Куманово-дополни Илиевски.

До 31-ви август би требало да се знае со кој кандидат ќе настапи СДСМ во трката за градоначалник на Куманово, на овие локални избори, кои треба да се одржат во втората половина на октомври. Покрај Илиевски, и актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, пратеникот Мартин Костовски и претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска информираат дека ќе ја побараат поддршка од партијата за оваа функција.

 

Коментари

коментар(и)