(ВИДЕО) Највозрасните пензионери добија помош од здружението

Кумановката Дана Крстевска е една од малобројните граѓани на Куманово која ја живее својата десетта деценија. Растела во сиромаштија, сведок е на многу настани од НОВ, во животот има малку среќни, а повеќе тажни сеќавања и лични трагедии. По игра на судбината, баба Дана во одреден период од животот останала без своите две ќерки, без сопругот, а третата ќерка живее во соседна Србија. Бабичката на возраст од 93 години живее сама во сопствен стан, со ниска пензија. Иако е далеку од својата единствена ќерка, таа празнина баба Дана ја надополнува со вниманието кое го добива од едно семејство кое живее во истиот влез од станбениот објект и ја чуваат како да е вистински член на нивното семејството. Баба Дана вчера ја посетија и членови на здружението на пензионери „Куманово“ кои што и подарија пакет со прехранбени и хигиенски производи, а исти пакети во текот на вчерашниот ден добија и уште неколку повозрасни кумановци со ниски пензии. Задоволна е од помошта што ја доби од здружението на пензионери, но апелира до властите да ги зголемат пензиите.

-Се наоѓаме кај една бабичка на возраст од 93 години која живее сама и ние одлучивме на неа и на уште неколку лица во Куманово и покрај короната да ги посетиме и да им дадеме одредени пакети кои што ќе си ги користат. Тие сигурно се со ниски пензии кои што не им се доволни да ги подмират своите основни потреби за да имаат еден достоинствен живот. Ќе продолжиме и понатаму со оваа акција, но освен ова, при крајот на март месец или почетокот на април ние ќе почнеме со давање на вредносни ваучери за сите пензионери кои што имаат пензија до 11.000 денари и со тоа сакаме да им ја ублажиме состојбата на пензионерите кои се со ниски примања, изјави Благе Јакимовски, претседател на Здружение на пензионери „Куманово“

-Со мала пензија живеам, ми помага едно семејство со лекови, храна и се останато. Имав тежок живот во младите години, живеев во сиромаштија. Му благодарам на здружението за пакетот, многу ми значи. Сакам да порачам пензиите да се зголемат, особено сега кога струјата е многу скапа, лековите, треба да се купи и храна, изјави Дана Крстевска, пензионер

Здружението на пензионери минатата година додели 750 ваучери, а годинава согласно финансискиот план предвидени се 800.000 денари за ваучери за 800 пензионери.

Коментари

коментар(и)