(ВИДЕО) На плоштадот бесплатно се мереше шеќер во крвта

Кумановци денеска на градскиот плоштад имаа можност да го проверат нивото на шеќерот во крвта, во рамки на акцијата по повод Светскиот ден на здравјето, 7-ми април, којашто ја организираа Здружението на дијабетичари Куманово, здравствената струка од средното техничко училиште „Наце Буѓони“, Здружението на пензионери и Црвениот крст. Од здружението на дијабетичари посочуваат дека ваквите превентивни акции се значајни за рано откривање на болеста. Нагласуваат дека во наредниот период планираат акции и во претпријатијата, руралните средини и месните заедници. Паралалено продолжуваат и со едукативни предавања.

-Шеќерната болест е онаа од болестите кои масовно се шират и презедовме мерки да ги анимираме луѓето да дознаат и преку флаери кои ги изработивме да се информираат за причините, но и за последиците од шеќерната болест. Затоа е оваа акција која што денеска ја организираме ќе продолжи и во иднина за да имаме увид каква е состојбата меѓу населението-нагласи Зоран Бојковски, претседател на Здружение на дијабетичари Куманово.

-Како и секоја година така и оваа учениците од здравствена струка, медицински сестри од средното техничко училиште Наце Буѓони го одбележуваат денот на здравјето 7-ми април, со една акција во соработка со Црвен крст и Центар за дијабет. Нашите ученици можат да им измерат шеќер во крвта и крвен притисок. Ги запишуваат податоците, делат флаери воедно тоа е нашата цел денеска да го одбележиме денот како што треба. Учениците од здравствена струка постојано пред самата корана, имаа вакви активности ќе имаме и на 12-ти мај по повод денот на сестринството-посочи Магдалена Трајановиќ, наставник во средно техничко училиште „Наце Буѓони“

-Јас сум волонтер во општинската организација на Црвениот крст Куманово и денеска се вклучив  по повод 7-ми април ден на здравјето, во оваа кампања, да измериме шеќер во крвта-нагласи Тамара Цветковска, волонтер Црвен крст Куманово.

Од здружението на дијабетичари Куманово информираат дека во моментов има доволни количини инсулин, на нагласуваат дека недостигаат ленти за мерење на нивото на шеќерот. Преку сојузот интервенирале во министерството за надминување на овој проблем.

Коментари

коментар(и)