(ВИДЕО) Нема опасност од излевање на реките

Нема опасност од излевање на реките во кумановско, речните корита по синоќешното невреме, се во стабилна состојба, информираат од регионалниот центар за управување со кризи и Водостопанство „Кумановско липковско поле“. Поројните врнежи што го зафатија Куманово,  поплавија неколку улици, бидејќи атмосферската канализација не можеше да ја прими големата количина вода.

Дел од жителите на Табановце, Четирице, Речица, Режановце, Романовце, Умин Дол, Ново Село, дел од селата од Старо Нагоричане, пријавиле штети од град на земјоделските површини.

Од водостопанство „Кумановско липковско поле“ посочуваат дека нема опасност од излевање на реките во кумановско.

-Речните корита во моментов се во стабилна состојба, нивото на водата во нив е на пониско ниво од што се очекуваше и мислиме дека во моментов нема никаков проблем, нашите екипи се на терен ја следиме состојбата и кога би било критично би излегле на терен и би реагирале, ова се однесува на водостојот на реките Пчиња и крива Река Липковка и Кумановка, луѓето нека спијат мирно-истакна Оливер Илиевски, директор на Водостопанство „Кумановско-липковско поле“.

Коментари

коментар(и)