(ВИДЕО) Одбележана годишнина од загинувањето на Карпош во спомен куќата

Христијан Тодоровски Карпош е еден од осумте народни херои од кумановско кои ги дадоа своите животи во текот на Народноослободителната борба. Во чест на 78-годишнината од неговото загинување, делегации предводени од општинската организација на Сојузот на борците, општина Куманово, АРМ, полициски и армиски ветерани денеска положија цвеќе пред неговата биста во спомен куќата. Со едноминутно молчење присутните му оддадоа почит на кумановскиот херој, како и на револуционерите кои ги дадоа своите животи во различни периоди од македонската историја.

Христијан Тодоровски Карпош е значаен лик од нашата историја затоа што се борел за слобода на Македонија. На 12 –ти октомври го означил почетокот на востанието во Македонија кој настојува во својата цел се до неговото загинување на 07 февруари 1944 година во селото Биљача.

-Роден е на трети септември 1921 година во Куманово. Се школува во Куманово. Со окупацијата на нашата земја активно се вклучува во подготовките за вооружено востание. По извршените подготовки од Месниот комитет на Кумановската партиска организација на 12 октомври излегуваат првите партизански одреди, Козјачкиот и Карадачкиот. Христијан е припадник на Козјачкиот партизански одред и е избран за командант. Нема да говорам за борбата во село Биљача на 07 февруари 1944 година и за тоа како загинал Карпош, целосен и аргументиран одговор до ден денес никој не даде. Се сретнуваат различни мислења и изјави. Во таа борба згасна животот на еден млад, но исклучително значаен револуционер, стратег, воин и командант, рече Марија Живачки, НУ Музеј Куманово

-Сојузот на борци Куманово секогаш ќе се сеќава и ќе ги одбележува значајните историски настани и никогаш нема да биде заборавен народниот херој Х.Т.Карпош, рече Благе Јакимовски, Сојуз на борци Куманово

Куќата музеј на Христијан Тодоровски Карпош била отворена на 4 јули 1979 година. Со 600 000 денари, средства обезбедени од Министерството за култура и Општина Куманово спомен куќата беше реновирана во текот на 2019-та и 2020-та година, а музејската поставка беше обновена со значајни историски експонати.

Музејот е отворен за посетители секој работен ден.

Инаку, историските факти говорат дека Карпош дал неизмерен придонес во поновата македонска историја и револуционерна борба.

За народен херој бил прогласен на 29 јули 1945-та година.

 

Коментари

коментар(и)