ВИДЕО: Одбележан Денот на независноста на Македонија во Куманово

„Нашите предци за независна и слободна Македонија се бореле со пушка в раце, ние треба да се бориме со разум, труд и посветеност. Нашата заедничка обврска е да ја сочуваме слободата, единственоста, уникатноста, заедничкиот живот и пријателството кое со ништо на овој свет не се купува“, рече, меѓу другото во своето пригодно обраќање претседателката на Советот на општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска по повод Денот на независноста на Македонија. Свечената програма пред споменикот на Жена борец на градскиот плоштад беа под покровителство на градоначалникот и Советот на општината, а во организација на Фондацијата за култура и спорт.

-Македонскиот суверенитет и самостојност за сите нас претставуваше поттик и мотив за нови самостојни успеси, но и тежок пат за решавање на историски предизвици, не ретко тешки компромиси при решавање на внатрешни и надворешни спорови. Споровите никако да престанат, си ги знаеме добро, од историски се и наметнати се, ама ништо во животот не доаѓа на едноставен начин. Пред да добиеме резултати секогаш претстои сложен процес на борба за силна и европска Македонија кој се уште трае. Во тој процес најважно е да не се изгубиме, заборавиме, разделиме и заедно да дејствуваме. Честопати се прашувам: Можеме ли сами? Ниту човек, ниту народ, ниту држава не можат и не треба да живеат и да се развиваат сами. И според местоположбата и според историјата, културата, па и јазикот сите ние што живееме во Македонија припаѓаме во европско семејство. Се стремиме да обезбедиме подобри услови за сите, да изградиме општество со европски вредности, не да заминуваме туку да го препознаваме, задржиме и вложиме секој човечки потенцијал, да се интегрираме, а сепак да не се обезличиме и изгубиме на тој пат, рече Ѓорѓиевска.

„Партиите треба да научат како да не обединат како народ, а не да не разделат. Не чека тежок период, период на уште потешки одлуки, но ние ќе се бориме, ќе опстоиме, ќе се препородиме и сплотени ќе работиме за иста цел, за подобар економски живот, напредок и достоинствена иднина за сите наши граѓани“, рече Ѓорѓиевска.

Присутните имаа можност и да ги разгледаат изложените извадоци од документи настанати при одржувањето на Референдумот, односно поканата за Референдум, Декларацијата за независност, која ја усвоил првиот повеќепартиски македонски парламент на 25 јануари 1991 година и орденот „8 Септември“.

Коментари

коментар(и)