ВИДЕО: Општината ќе финансира здруженија кои нудат социјални услуги

Општина Куманово годинава финансиски ќе поддржи здруженија и други правни лица кои посветено работат на социјална заштита. За распишување на јавниот повик обезбедени се финансиски средства од општинскиот буџет во висина од 3 000 000 денари, информираше денеска раководителот на Секторот за култура, спорт, социјална и детска заштита, Александар Крстевски.

-Барањето, уредно пополнето со целокупната документација се доставува во писмена форма, во рокот утврден во јавниот повик, во општинската архива или по пошта, со назнака: „До Комисија за разгледување на барања за финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита на здруженија и други правни лица на територија на Општина Куманово“- Општина Куманово , ул.  11-ти Октомври бб, 1300 Куманово“. Сите заинтересирани здруженија/правни лица, барањето за остварување на правото на финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита на територија на Општина Куманово за 2023 година, можат да го превземат од web страната на Општина Куманово www.kumanovo.gov.mkили на портирница во зградата на поранешен „Козјак“. Рокот за поднесување на барања за учество на јавниот повик ќе трае 15 (петнаесет) дена, односно од 13-ти до 27-ми февруари годинава. Барањата со непотполна документација и поднесени надвор од предвидениот рок нема да бидат разгледувани. Сите заинтересирани здруженија/правни лица подетални информации за јавниот повик можат да добијат на телефон: 078/292-799, изјави Крстевски.

Како подносители на барањата за остварување на правото на финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита на територија на општина Куманово, може да се јават здруженија и други правни лица кои ги исполнуваат следниве критериуми: да се регистрирани во Централен регистар на РСМ како здруженија на граѓани/правни лица  и истите да имаат седиште на територијата на општина Куманово, да имаат Статут и Програма за работа за 2023 година, која опфаќа активности насочени кон ранливите категории на граѓани од областа на социјална заштита, да имаат минимум 3-годишно активно постоење и успешно реализирани активности од областа на социјалната заштита на територија на општина Куманово, да имаат работно ангажирано минимум две стручни лица и да имаат обезбедено соодветен простор за работа.

-Оваа година за првпат општина Куманово разви социјален план и врз основа на него има многу активности кои би сакале да ги поддржиме, почнувајќи од шелтер центар до деца со попреченост, така што зависно од организациите кои ќе се јават, зависно од нивните активности ние ќе се прилагодиме спрема нашиот социјален план. Доколку активностите на социјалниот план и на некои невладини организации се поклопуваат нормално дека тие ќе имаат приоритет. Претходната година беа аплицирани две здруженија,  „Инклузива“ и „Порака наша“, така што тие корисници на помошта ќе имаат приоритет, но, зборуваме и за нови активности, така што ќе гледаме да ги вклучиме и новите активности во рамки на нашите можности, т.е во финансиската конструкција на другите организации, изјави Крстевски.

Барателите кои ќе се пријават на јавниот повик потребно е да приложат барање, тековна состојба од Централен регистар на РСМ (со полн назив, адреса и регистрирана дејност), не постара од 6 месеци, статут на здружение/правно лице, програма за работа на здружение/правно лице за 2023 година, извештај за реализирани активности од областа на социјалната заштита во изминатите 3 години, потврда од Управа за јавни приходи (УЈП) за платени даноци и други јавни давачки, податоци за вработени лица во здружението/правното лице, кои вклучуваат име и презиме, нивната квалификациона структура и нивното професионално искуство, трансакциска сметка на здружението/правното лице, детален опис на активностите со конкретен работен план за имплементација и период на реализација на проектот, со кои ќе се обезбеди реализација на предвидените цели, активности/социјални услуги дефинирани во јавниот повик, назив на социјалната услуга/активност/мерка и локално значење од развој на услугата/активноста/мерка и детална финансиска структура на активностите во рамките на вкупните средства кои се предвидени за реализација на проектот.

Минатата година финансиската поддршка на општината наменета за социјалната заштита изнесуваше два милиони денари.

Коментари

коментар(и)