(ВИДЕО) Отворена прва апи инхалациона комора во североистокот

Браќата Бобан и Сашо Стошевски ја отворија правата апи инхалациона комора во североистокот. Оваа просторија која има за цел да им помогне на лицата со белодробни заболувања, се наоѓа на нивната пчеларска фарма во село Драгоманце. По 10-те години активно занимавање со пчеларство, двајцата браќа дошле на идеја да создадат комори кои веќе се дел од стандардната медицина во Русија, а значаен напредок е забележан и во Словенија. Апитерапијата со инхалација помага при лекувањето астма, бронхитис, белодробни заболувања, и други проблеми со дишните патишта.

-Тоа е мала просторија, направена исклучиво од природен материјал, дрво, внатре во комората нема никакви фарби. Таму се сместени во нашата комора две пчелни семејства, во едно семејство има околу 80 литри волумен на воздух, тоа е воздух мешавина на нектар, прополис, поленов прав, матична млеч затоа што леглото на новите пчелки до третиот ден се полнат со млеч-раскажува Бобан Стошевски, сопственик на пчелна фарма и апи комора.

Терапијата се одвива еднаш дневно во траење од 45 минути со пауза. Комората работи веќе десетина дена, а досега ја посетиле корисници од 7 до 70 години. Изминативе осум дена комората ја користи и Решат Арифи од Куманово. Тој раскажува дека веќе не ги употребува апаратите за кислород.

Се чувствувам одлично, пред седум-осум дена почнав редовно да примам терапија и ги исфрлив сите помагала околу кислород што ми беа дадени, дишам одлично. Бенефитите се дека вдишувам слободно, имам мирен сон и не употребувам апарати за кислород-вели тој.

Семејството Стошевски кое работи со 250 пчелни кошници, оваа година се надева дека ќе биде задоволителна за приноси за мед.

-2019 година беше прекрасна година за пчеларство тогаш имавме задоволнителни количини. Минатата година беше катастрофална од 200 кошници немавме ниту грам мед, бевме приморени да ги прихраниме пчелните семејства за да ја преживеат зимата. Оваа година е нешто помеѓу 2019 и 2020 имаме принос на мед, но поради кратката и брза паша, според бројот на кошниците е задоволителна ќе има доволни количини за нашите корисници но како што велат возрасните пчелари пред 20 години со ваков број на пчелари би можело пристојно да се живее-дополни Стошевски.

Нивната цел е да поттикнат што повеќе млади да се занимаваат со оваа гранка, но и слободното време да го поминуваат во природа.

 

Коментари

коментар(и)