ВИДЕО: Почнаа преговорите со министерството за информатичко општество и администрација

Почнаа преговорите со министерството за информатичко општество и администрација по тринеделниот штрајк на локалните и регионалните електронски медиуми. Претставници на здружението „Медиум објектив“ на вчерашната средба со министерот Адмирим Алити ги претставија своите барања и ја образложија состојбата во која се наоѓаат локалните и регионалните телевизиски и радио станици. Средбата со Алити беше договорена јавно минатиот петок при неговото гостување во емисијата СТАВ.

-Ги поставивме нашите барања, ја претставивме целата ситуација што се случува кај регионалните и локалните медиуми. Веќе почнавме преговори како да се решат нашите проблеми, како да се дојде до промени, кои се нашите основни барања, кои се нашите екстремни барања, законската регулатива, тие какви проблеми имаат со европските регулативи и практично седнавме и овој час и половина, да не речам два ги отворивме сите теми на разговор вклучувајќи го и Фондот за медиуми. Почнавме еден процес на преговори каде што имаме шанса да си ги кажеме нашите увидувања на нештата и да најдеме некој најмал заеднички содржател за сите. За прва средба сум презадоволен затоа што сепак министерот дојде до разбирање на нашите проблеми и тој учествуваше во давање на предлози кои би биле добри и за нас, така што сметам дека кога би учествувал директно во консултациите со владините институции сметам дека ќе дојдеме до некое  добро решение за нас. Сега за сега нема решение, но продолжуваме, во комуникација ќе бидеме и овие денови, да обезбедиме и документи, да обезбедиме предлози кои што мора да бидат написмено доставени и сметам дека ќе почне тоа тркало да се врти да дојде до некакво решение, изјави Димитар Мицев, претседател на здружение „Медиум објектив“

На регионалните и локалните медиуми треба да им се помогне преку измена на законите што ги засегаат медиумите, смета министерот Алити, посочувајќи го особено членот 102 од законот за ААВМУ.

Инаку, главниот иницијатор за измена на членот 102 и еден од учесниците во дискусиите со конкретни предлози е главниот и одговорен уредник на ТВ Плус, Драган Ивановски.

На средбата се истакна и потребата од формирање на долгонајавуваниот Фонд на медиуми, за кој претставниците на здружението доставија конкретен предлог како истиот да се реализира.

Двете страни се согласија да ја продолжат комуникацијата, да се дебатира сето она што беше предложено во соодветните работни групи во надлежните министерства и на следните средби да се договорат конкретни решенија.

Коментари

коментар(и)