ВИДЕО: Почнаа тридневните саеми „Органска трпеза“ и „АГРО МАК“

Од денеска до недела над двеста излагачи ќе имаат можност да ги промовираат своите производи, опрема и дејности на петтиот Меѓународен саем на органски и традиционални производи „ОРГАНСКА ТРПЕЗА“ 2022 и првиот  Меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „АГРО МАК“ 2022. Саемите се во организација на Здружението за развој на земјоделство и заштита на животна средина преку истражување, едукација и одржување на биодиверзитет „ЖИВОТ“ и Комората на органски производители – КОП од Куманово, поддржани од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Куманово.

– Во однос на можностите наши како комора и здружение презадоволни сме. Мислам дека повеќе од 60 проценти од правните субјекти во Македонија кои се чинители во делот на аграрот, производство на храна и преработки се присутни овде. Сите брендови ни се учесници и деца. Пошириока лепеза, не се само индивидуални земјоделци и производители, мали средни претпријатија и балкански брендови ни се гости денеска, изјави Драган Цветковиќ, претседател на здружението „Живот“

Производителите од Македонија и од соседните држави велат дека органските продукти сè повеќе се консумираат. Марјан Спиркоски од Битола на посетителите им понуди печурки шитаке, а пчеларот Новица Цветков од Сурдулица, Србија посочува дека Балканот е одличен за производство на органски мед .

На саемот беа поставени традиционални трпези на заедниците на кои ќе бидат презентирани традиционалната храна, фолклор и култура претставени од здруженија на заедниците на националностите и здруженија и организации кои ги негуваат традицијата, занаетите и фолклорот.

Во рамки на саемот ќе бидат организирани работилници, панел дискусии, тематски мини-форуми и предавања. Целта на саемите е едукацијата и потребата од размена на научни, стручни и апликативни мислења и практики од областа на земјоделството, добрата земјоделска пракса и производството на безбедна храна, како и потребата за овозможување на научна и стручна соработка.

На саемот  учествуваат излагачи од земјава, Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Република Српска, Босна и Херцеговина, Словачка, Унгарија,  Црна Гора, Косово, Турција и други.

 

Коментари

коментар(и)