(ВИДЕО) Презентирани резултатите од форумскиот процес во општината

На петтата последователна сесија од Форумите на заедницата денеска во Куманово беа презентирани постигнатите резултати од форумскиот процес што се спроведуваше во периодот од јуни до октомври 2019-та година, како и реализацијата на дел од препораките дадени од граѓаните до oпштината во текот на целиот форумски процес. Активноста се реализира во соработка со УНДП, преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, чија втора компонента е зајакнување преку мали грантови за приоритетни мерки на општините избрани преку јавни консултации, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Во рамките на форумот на заедницата, како алатка за граѓанско одлучување, беа прeдложени и разработени девет проекти, од кои на четвртата, гласачка сесија, учесниците се определија буџетскиот фонд од 50.000 швајцарски франци да го доделат на проектот: „Адаптација на покрив и столарија во ООУ „Браќа Миладиновци“, конкретно објектот лоциран  на ул. „Тане Георгиевски“  во кој се сместени и паралелките за учениците со посебни образовни потреби од прво до деветто одделение.

„Проблемите во нашата општина и во државата се огромни на сите нивоа и од сите аспекти без разлика дали зборуваме за комунална инфраструктуира или за унапредување на правата и можностите во 21 век. Проблемите ги имало и ќе ги има, но ние сме тие најодговорните што треба да се погрижиме да ги има што помалку. Токму ваквото граѓанско учество преку граѓанските форуми нам ни ги олеснува работите бидејќи имаме јасен став на претставниците на граѓаните“ , рече пред присутните градоначалникот Максим Димитриевски.

Според него, последната посериозна капитална инвестиција во образованието во Куманово била пред 10 години во основното училиште „Толи Зордумис“, а последното изградено училиште е ООУ „Кочо Рацин“ во 1987-та година.

Според претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, непосредното учество на граѓаните е придобивка која секогаш е значаен извор на идеи, на проекти и многу важен коректив на секоја власт вклучително и локалната.

Форумската сесија се одржа според Протоколот за одржување на форуми на заедницата во услови на ковид- 19, документ донесен од имплементаторот УНДП, со мерки на заштита. Инаку, проектот „Зајакнување на општинските совети“ во Македонија започна да се спроведува во декември 2017 година од страна на УНДП со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, со рок на имплементација од четири години. Ова е првиот проект во земјата со специфичен фокус на општинските совети – кои се едни од столбовите на демократијата на локално ниво.

Коментари

коментар(и)