(ВИДЕО) Промовирана филмската проекција „Чародејание “

„Чародејание“ е насловена филмската проекција што беше промовирана вчеравечер во дворот на соборниот храм свети Никола, токму на празникот на Светите апостоли Петар и Павле. Филмот е во продукција на Кумановско-осоговската епархија, а автори се Мирослав Петковски, историчар на уметност и свештеникот Антониј Стојковски. На промоцијата пред присутните се обрати митрополитот кумановско-осоговски Григориј потенцирајќи дека луѓето кои што одат кај бајачи, гледачи всушност се оддалечуваат од вистината и од Бога. Според свештените лица, улогата на црквата е да ја проширува науката и учењето на Христос, а да се спротивставува на девијантно- духовните појави, како што се јасновидство, бајачки и слично.

-Да ги поучуваме другите дека со одењето кај бајачи, кај гледачи излегуваат од вистината, се оддалечуваат, се богооттуѓуваат, својата природа ја прават противприродна. Сите што сме обдарени со силата на Светиот дух да бидеме поучувани, духовно раководени од свештенството, да станеме одбранбен механизам на црквата бидејќи црквата опстојува без да е допрена, без да се измени нејзиното учење. Во денешно време кое е карактеристично по многу вакви идеи, народот ако се поучува може да ги одбие, дури може да ги сузбие. Иако масовно се поддржани од многу луѓе, верувам во силата на Светиот дух, дека може да се спротивставиме на идеите кои што се создаваат и кај нас, рече митрополитот кумановско- осоговски Григориј

Свештените лица посочуваат дека секојдневно во црквата се соочуваат и среќаваат со луѓе кои што се испратени од јасновидци со апсурдни барања. За нив уште позачудувачки е тоа што луѓето таквите барања ги прифаќаат многу едноставно и лесно и инсистираат свештеникот таквите барања да ги исполни.

-Во времето во кое што живееме денеска дури каде што многу често ќе побараме второ мислење од лекар, ќе побараме дополнителни информации на интернет и сл.  меѓутоа кога одиме кај бајачи директно без размислување одиме и бараме свештеникот да го изврши тоа што бајачите го бараат. Тоа го укажува и отец Игор кој вели дека „на здрав човек ме тераат да читаме молитви за луѓе кои се на смртна постела“  и други апсурдни работи, да садат дрво под црква… Тоа беше силна мотивација за да укажеме пред се повторно и повторно како низ историјата што е укажувано дека тоа е девијантно- духовна појава во црквата. Како личен успех за филмот би го сметал тоа само доколку барем еден човек сфати дека бајачите се големо зло и дека тоа не е благословено од самата црква, рече отец Антониј Стојковски.

-Идејата започна пред околу 4 години, процесот траеше, па паузираше еден период. Филмот е краток дваесетина минути. Мислам дека од нашата држава во Куманово до сега бајаштвото или јасновидството беа најраспространети, сега во последно време и самата епархија прави напори и полека -полека некои луѓе веќе се отргнати. Идејата е токму тоа, да не остане ова овде само денес, туку да побуди интерес кај граѓаните и ако успееме барем на пет проценти од присутните вечерва да им го смениме мислењето во врска со ваквата појава. Во самиот филм искористивме две фрески, едната е од село Кокошиње, од црквата „ Свети Атанасиј“ од 19 век, фреската е доста експлицитна, она што на дар се добива кај бајачите, во кумановско е таа единствена. Другиот пример е од Крупиште, црквата е од 17 век, има постари темели од 5 и 6 век, додека сликарството е од 19 век, рече Мирослав Петковски, историчар на уметност

Авторите на „Чародејание “ се надеваат дека со промоцијата на филмот ќе успеат да го намалат интересот на граѓаните за како што велат, девијантно- духовните појави и да сфатат дека се спротивни на ставовите и идеите на црквата.

Коментари

коментар(и)