ВИДЕО: Раководството на пензионерите незаконски покачило надоместоци?! Парите вратени, постапката кај службите! Јакимовски вели, нема злоупотреба, се работи за притисок

Претставници на Собранието на Здружението на пензионери Куманово и делегати, обвинија дека актуелниот претседател Благе Јакимовски, сам, без гласање на Собранието, како што налага Статутот, донел одлука за зголемување на надоместоци за себе, потпретседателот и секретарот.

Според нив раководството се повикало на непостоечка одлука, која била укината од 2016-та година и тој немал право на вакво нешто. Дополнително велат лицата две години добивале средства, односно по 1.000 денари, и за присуство на седница на Собрание, иако тоа не им следувало.

-Зголемувањето на надоместоци на претседателот било од 12.000 на 14.000 денари, на потпретседателот од 11.000 на 12.000 и на секратарот од 10.000 на 12.000 денари. Но освен оваа повреда на статутот направена е и уште една отстапка од споменатото раководство, на ним им се исплаќаат и средства за присуство на седници иако тоа е незаконски-истакна Назим Емини, претседател на Собрание на Здружение на пензионери Куманово.

-Секој делегат зема надоместок за присуство на седница, раководството е должно да присуствува а не да зема. Тие сами си земеле по седница. Ние случајно дознавме немаме увид, треба да се оформи надзорен одбор имаме економисти, да се открие. Срамота е наместо пензионерискиот денар да оди кај пензионери оди кај оние со висока пензија. Никој не спори дека треба да се покачи надоместокот, но треба да се запази законската регулатива-дополни Јасмина Тодоровска, делегат, член на редакциски одбор.

Изнесеното велат е потврдено и со вонредна контрола на Надзорниот одбор кој на барање на извршниот одбор извршил проверка на постоење на спорните одлуки. Делегатите на Собранието одлучиле да се известат надлежните државни органи, Управата за јавни приходи и Јавното обвинителство. На седницата појаснуваат имало иницијатива и за смена на раководството, кое според нив си ја признало вината и побарало да не се разрешуваат до истекот на мандатот во март.

-До ден денес не е потпишан записникот и заклучоците од одржаната седница. Како преседан на се именуваните функционери претседателот на ИО, потпретседателот и секретарот ги вратија на сметка незаконски земаните пари во вкупен износ од 60.000 денари сметајќи дека со тоа ќе ја симнат одговорноста од себе. Но треба да вратат персонален данок и камата за земените средства-посочи Емини.

За проблемот е запознаено централното раководство на Здружението на пензионери.

Актуелното раководство пак смета дека се работи за притисок во пресрет на изборите. Претседателот, Благе Јакимовски тврди дека нема злоупотреба. Истакна и дека постои можност и лицата да се помогнати од политичка партија.

-Тврдам најодговорно дека нема никаква злоупотреба со тоа што е донесена таа одлука за наше покачување. Таа е донесена врз основа на една одлука која ние не сме ја знаеле. Мислам дека постојат надлежни институции за тоа, доколку има вина нека ја утврдат. Јас пак ќе повторам кај нас во здружението не постои никаква вина. Сметам дека ова е еден страшен притисок од една група на луѓе кои се членови на Собранието и кои вршат силен притисок, помогнати веројатно и од одредени партиски структури за да Благе Јакимовски и ова раководство повеќе не раководи со Здружението. Јас повторно ќе кажам одговорно тврдам дека ние си работиме како што треба, согласно Статутот, законските прописи при што секогаш укажуваме на одредени права кои им следуваат на пензионерите посебно со најновите усогласувања а ценејќи во каква состојба живеат пензионерите, инфлаторна, енергетска и сите овие кризи што се. Веројатно тоа на некого му пречи и сака на некој начин Благе и раководството да го нема во здружението па да дојдат некои други структури-истакна претседателот Јакимовски.

Јакимовски нагласи и дека периодов имале состаноци со ограноците, на кои биле дале насоки, како да ги завршат изборите.

-Бараме тие да бидат демократски, сите пензионери да се изјаснат затоа што секој член на огранок може да бира, предлага, нека се изберат квалитетни, сами да одлучат кој ќе ги води во наредниот период без никакви притисоци и закани кои немаат никаков основ-нагласи тој.

На седницата била донесена и одлука за распишување на избори кои согласно статутот на здружението треба да завршат во март годинава.

 

 

Коментари

коментар(и)