ВИДЕО: Расте бројот на новозаболени, но и вакцинирани, мерките го зголемија интересот за имунизација

Новите мерки го зголемија интересот за вакцинација во Куманово. Од здравствениот дом информираат дека бележат поголем притисок, изминативе денови. На пунктот денеска можеше да се забележи дека голем број кумановци, млади но и повозрасни се заинтересирани за имунизација. Дневно се вакцинираат и до 1.000 лица. Но и покрај големиот интерес, подолго задржување нема, а се внимава и на мерките за заштита. Граѓаните се имунизираат со Фајзер, Синовак и Астра Зенека.

-Од минатата недела веќе гледаме зголемување на заинтересираност кај луѓето, се повеќе има за вакцинирање. До минатитот понеделеник беше теренска вакцинација, сега има и домашни посети кои се одвиваат секојден за оние лица што се неподвижни, се јавуваат тука, оставаат податоци и ние одиме кај нив за да примат вакцина-информира доктор Драгана Тасевска, Здравствен дом Куманово.

Вакционалниот пункт во Куманово работи од 08 до 15 часот од понеделник до сабота. Имунизирани се и голем дел од лицата од затвор Кшање, и домот за стари лица Зафир Сајто.

Но, покрај зголемување на бројот на вакцинирани, расте и бројката на новозаболени. Од кумановската болница, каде од неодамна повторно се врати во функција модуларната болница, потврдуваат дека бележат нагло зголемување на бројката на позитивни случаи. Хоспитализирани се 36 лица, а во дневната болница има 21 пациент. Според кумановци бројката расте, бидејќи делумно се почитуваат мерките за заштита. Бројот на активни случаи позитивни на ковид 19 во Куманово е над 360.

Коментари

коментар(и)