(ВИДЕО) Се гради кружниот тек кај Митев мост, но тече и постапката за вториот

Се гради првиот од планираните пет кружни текови во Куманово. Ваквите сообраќајни решенија би требало да ги решат долгогодишните проблеми на најфреквентните и не доволно безбедните локации во центарот на градот. Градежните работи на крстосницата помеѓу двата булевари „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“ се веќе во тек. Инвестицијата која треба да биде завршена до јуни, чини над 35 милиони денари. Паралелно, општината распиша оглас и за вториот кружен тек, кој ќе се изгради помеѓу булеварот „Трета Македонска ударна бригада“ и „Гоце Делчев“. Проектите за изградба на кружните текови ги изработува јавното претпријатие „Куманово план“.

Кумановци се надеваат дека ваквите сообраќајни решенија ќе го поедностават движењето  на возила.

-Тоа требаше пред 10-15 години да се изгради, беше рак рана на Куманово. Ни требаат вакви сообраќајни решенија, на многу места. Јас во Ирак бев пред 40 години тогаш дури тогаш ги имаше. Без застој се оди, побезбедно е од семафорите-вели еден кумановец.

 -Порано во семејство имаше по еден автомобил, сега има по три. Со вакво решение, со паркинг и безбедност, потребни се повеќе кружни текови-дополнува друг.

-Потребни се, нашиот град е еден од најголемите, најгусто населени места, а најмногу возила, ќе нема застој. Многу побезбедно ќе биде, тоа беше крстосница на смртта, многу жртви имаше таму-нагласува трет.

За првиот кружен тек, кој се изгради пред две години на влезот во градот, Куманово одвои над 20 милиони денари.

Коментари

коментар(и)