ВИДЕО: Со активности одбележана Европската недела на мобилност во Куманово

Ученици од основните и средните училишта од Куманово денеска се приклучија во реализацијата на кампањата „Европска недела на мобилност“. Активноста, возење велосипед во централното градско подрачје беше во организација на Отсекот за превенција при СВР Куманово и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, а во соработка со велосипедскиот клуб Вело-М. Целта на кампањата е формирање на здрави животни навики, чиста животна средина, побезбеден сообраќај и поддршка на алтернативни форми на мобилност затоа што возењето велосипед е здрава навика која позитивно влијае на здравјето на луѓето, ја заштитува околината и ја намалува емисијата на гасови.

-Во рамките на Европска недела на мобилност, СВР Куманово активно се вклучи во секојдневните реализации за зголемување на безбедноста во сообраќајот, сообраќајниот метеж како и намалување на бројот на жртви и повредени лица во сообраќајни незгоди. Се спроведуваат едукативни работилници со ученици во основни училишта, разговор со граѓани и делење на едукативен материјал на критични и фреквентни локации во градот или во непосредна близина на училиштата. Денеска во соработка со ОСБСП и велосипедскиот клуб Вело-М се организираше возење на велосипеди во присуство на полициски службеници низ централното градско подрачје, каде што покрај безбедноста на велосипедистите се промовира и велосипедот како алтернативно превозно средство со што не само што ќе допринесеме до безбедноста во сообраќајот туку и до поздрава животна средина, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово

Велосипедскиот сообраќај денес се промовира бидејќи еколошки е најодржлива форма на сообраќај, троши малку енергија, не бара многу простор за движење и за паркирање, најевтин е начин на урбана мобилност и придонесува за унапредување на здравјето.

-Традиционално веќе петта година по ред организираме вклучување во Европска недела на мобилност. Денеска низ улиците на централното подрачје на Куманово возиме велосипеди, вело- дефиле организирано од Отсек за превенција при СВР Куманово и ОСБСП преку Програмата за годишна работа на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патишта. Тука сме заедно денеска во партнерство со Вело-М Термалифт и училишните сообраќајни единици како главни возачи на ова вело-дефиле со учество на сите основни и средни училишта на подрачје на општина Куманово, изјави Бојан Петковски, Општински совет за безбедност во сообраќајот

РСБСП укажува на здравствените, еколошките, економските, социјалните и други придобивки од возењето велосипед и апелира:

Возете велосипед! Бидете внимателни и одговорни велосипедисти!

Коментари

коментар(и)