(ВИДЕО) Спортско качувачки маратон викендов на Бислимска клисура

Спортско качувачки маратон викендов ќе се одржи на Бислимска клисура, која се наоѓа на околу пет километри од Куманово, во селото Пчиња. Оваа е втор маратон, кој го организираат спортско качувачки клиб Екстрим од Скопје, Вертикал травел и Општина Куманово. Првиот се одржа во 2020 година. Најавено е учество на спортисти од земјава, како и гости од Србија и Грција.

Ќе биде интересно, два дена се качува на карпа, и кој ќе има најмногу искачени насоки е победник и следува некоја симболична награда. Бислимска клисура е на многу добра локација, со автомобил стигнувате на пет минути од карпите, што е важно, пристапот е многу добар, карпата е компактна не е ронлива и е многу убав локалитет за спортско качување, можеби еден од поатрактивните во Македонија. Самиот поглед, самата клисура е убава, прекрасна-истакна Стојан Хаџи Ефтимов, инструктор, спортски качувач, водич.

За да заживее овој центар за екстремни спортови, организаторите велат не треба ништо посебно да вложува, туку само да се одржува она што природата го создала. Конкретно за спортското качување укажуваат дека мора да се инвестира во образованието, спортските сали.

-Да го оставиме чисто и да се потрудиме да не загадуваме повеќе. Да го исчистиме тоа што е веќе загадено и да ја оставиме природата таква каква што е. Македонија има доста вакви локации, Маврово, Демир Капија, Прилеп, има убави локалитети за спортско качување, само треба малку повеќе да се вложува и во образованието и во општините, да има повеќе спортски сали каде што се практикува спортско качување. Спортското качување веќе е олимписки спорт и убаво е повеќе да биде застапен во самите спортски сали-дополни тој.

Качувачкиот мартон е предвидено двата дена да почне во 08 часот. А освен натпреварувачите и сите љубители на природата ќе имаат можност да се обидат да се качат на карпа со јуже.

Билимска клисура освен што е специфична по својата градба, таа нуди можност и за развој на туризмот, поради големиот број пештери како и ендемски видови на животински и растителен свет.

 

Коментари

коментар(и)