ВИДЕО: Српската амбасада и Владата подарија лектири на учениците од „Светозар Марковиќ“ од Старо Нагоричане

Лектири на српски јазик за учениците од прво до деветто одделение на основното училиште „Светозар Марковиќ“ во општина Старо Нагоричане, додели амбасадата на Република Србија во земјава, заедно со српската Влада.

Донацијата, како што истакна амбасадорка на Република Србија во земјава, Невена Јовановиќ, е продолжение на неодамнешната посета на училиштето на министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, кој во таа прилика вети дека државата во наредниот период ќе помага и ќе ја унапредува работата на училиштето во Старо Нагоричане.

-Првиот чекор во таа наша соработка е донацијата на одреден број на книги, кои се во лектири за учениците во основно образование. Мое големо задоволство е што денеска имавме можност на ова училиште да му подариме стотина книги со некои од најпотребните наслови за учениците од прво до деветто одделение. Тука се збирки со најубави српски народни песни, басни, записи за Свети Сава, басни на Достиеј Обрадовиќ, песни на Мирослав Мика Антиќ, и се она што е потребно за основно образование-нагласи амбасадорката.

Основното училиште „Светозар Марковиќ“ е единствено училиште во Северна Македонија во кое над 70 ученици посетуваат целодневна настава на српски јазик, истакна српската амбасадорка, нагласувајќи дека задоволство и обврска е во наредниот период да продолжи помошта за обнова, но и унапредување на работата на наставниот кадар. Таа ја посочи и одличната соработка со Македонија.

-Ние како Република Србија сме многу благодарни на нашите соседи и пријатели од Северна Македонија за се што прават за унапредување на положбата на српската заедница, ние поблизок народ немаме, тоа се наши пријатели, соседи, браќа и се надевам дека и генерациите кои што пристигаат дека тоа пријателство и блиските односи ќе ги негуваат-истакна таа.

Првото училиште „Светозар Марковиќ“ било изградено далечната 1924 година. Но, во училишната 1964/1965 година училиштето добило нова зграда. Училиштето секоја година го прославува Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија како училишна слава.

 

Коментари

коментар(и)