(ВИДЕО) Субвенциониран јавен превоз за пензионерите од 15-ти јули

Од 15-ти јули ќе започне бесплатниот јавен превоз на пензионерите со ниски пензии, до 11.000 денари. Согласно измената на Одлуката за спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за јавен градски и меѓуградски превоз за годинава, на пензионерите во наредните три месеца ќе им биде субвенциониран превозот, а вкупниот износ предвиден за оваа мерка е еден ипол милион денари буџетски средства. Иако со првичната одлука се предвидуваше шестмесечен бесплатен превоз со истите финансиски средства, на денешната седница надлежните појаснија дека со новата одлука, за пензионерите ќе бидат обезбедени повеќе средства за пократок временски период.

– Многу е подобро за нив да се намали рокот, а со тоа да се зголеми можноста поголем број пензионери да ја искористат таа можност па ја упростивме да биде поедноставно. Ако 500.000 денари од 1,5 милиони би се трошеле за еден месец, 2 и пол илјади пензионери би можеле да одат во Скопје по еднаш тој месец, можеби некој ќе има потреба на контроли и слично, но од тие неколку илјади пензионери сигурно некој ќе има потреба за субвенциониран градски превоз и тука ќе се трошат тие средства, рече Миле Андоновски, советник од Партијата на пензионери во Советот на Општина Куманово.

-Даваме повеќе пари за пократок период, за пократок период ќе ја видиме целисходната, оправданоста на мерката, рече Атина Мургашанска, претседател на Советот на општина Куманово

„Со ребаланс на буџетот на општината во ноември годинава ќе бидат обезбедени дополнителни средства за субвенционирање на превозот на највозрасната група граѓани за уште три месеца“, информира раководителката на Секторот за финансиски прашања, Ирена Илиевска.

– Износот не се намалува ќе се зголеми од 1,5 до 3 милиони денари да покрие шест месеци од 15 јули до 31 декември од тие причини се прави оваа одлука и се скратува периодот од шест на три месеци за да може сите поволности да ги искористат пензионерите. Се направи точна пресметка на вредност на кратата определена во осум зони и во превоз од прва до осма зона и плус превоз од Куманово до Скопје, рече Илиевска.

Мерката ќе се спроведува во соработка со здружението на пензионери од Куманово и локалните превозници.

Коментари

коментар(и)