ВИДЕО: Целосно реконструирана гимназиската спортска сала

Со реновирањето на училишната спортска сала целосно е завршена реконструкцијата на гимназијата „Гоце Делчев“. Од септември учениците ќе имаат идеални услови за изведување на спортските активности во салата, информира директорката Марија Тодоровска.

-Целосна реконструкција на училишната спортска сала во гимназијата Гоце Делчев започна во месец ноември минатата година и за скоро шест месеци целосно е завршено реновирањето бидејќи се работи за еден објект каде што требаше малку подетално да се реконструира со замена на електрика, подната подлога , но сето тоа успеавме да го завршиме и наредната учебна година учениците ќе можат во убави услови да ја изведуваат наставата по спорт и спортска култура. Оваа реконструкција целосно влегува во оној дел на реновирање на изгледот на гимназијата, кровната конструкција, замена на прозорците, фасадата и комплетно внатрешноста на училиштето, промена на санитарните јазли, по училници што значи дека сега имаме идеални услови за изведување на настава, изјави Марија Тодоровска, директор на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“

Целосната реконструкција на гимназијата започна на почетокот на оваа учебна година со замена на прозорците и вратите на сите училници, обнова на покривот на централниот дел на училиштето, но и замена на азбестната кровна конструкција на училишната спортска сала. Проектот чини околу 21 милион денари, средства обезбедени од општината.

Гимназијата ќе биде и едно од ретките училишта во Куманово во кои се планира да се постави лифт за потребите на лицата со попреченост. Проектот целосно е подготвен, но допрва треба да се обезбедат средства за имплементацијата.

Во меѓувреме, започнува изградбата на лифт и целосна адаптација на цeнтралниот објект и работилницата на училиштето ОСТУ „Наце Буѓони” за лицата со попреченост вклучувајќи и адаптација на тоалетите.

Исто така, адаптиран е пристапот во објектот на ООУ „Бајрам Шабани” и во училишната спортска сала за лица со попреченост , а ќе следува поставување на лифт за лица со попреченост и адаптација на тоалети во училиштето ООУ „Браќа Миладиновци”, објави градоначалникот Максим Димитриевски.

Коментари

коментар(и)