ВИДЕО: Шеесет години постоење и успешна работа на ООУ „Толи Зордумис“

Значајни резултати постигнати на општински, регионални и државни натпревари по повеќе предмети е она што ја одбележува учебната година во основното училиште „Толи Зордумис“, кое прославува 60 години постоење и успешна работа. Токму добиените дипломи, признанија, награди, пехари и медали денеска беа презентирани на штандови поставени на спортскиот терен во дворот на училиштето од страна на учениците и нивните наставници. Присутните имаа можност да ги разгледаат штандовите и на тој начин да се запознаат со работата и постигнатите успеси на учениците и нивните ментори во текот на годината, а беше организирана и модна ревија, но и културно-уметнички настап на учениците.

-Ние оваа година сакавме да им покажеме на родителите, на месното население, на локалната самоуправа дека училиштето е подготвено и може да организира на поинаков начин одбележување на вакви јубилеи. Скоро цела недела имаме активности, вчера беа спортските активности, претходно имаше литературно читање, денеска е планиран научен саем каде што сите предмети се истакнати со свои штандови, утре имаме работилница по ликовно, потоа саем на храна, ќе бидат презентирани разни видови на храна од аспект што станува збор за мултиетничко училиште, во петок свечена седница на која ќе бидат доделени признанија, награди, дипломи за сите оние кои до сега работеле по повод 60 години „Толи Зордумис“ и пензионери и други присутни. Оваа година навистина можеме да се пофалиме со голем број на освоени републички награди по физика, по географија и по многу други предмети, а овие штандови токму затоа ги искористивме, на еден начин да се презентираат сите предмети, сите наставници со се она со што учествувале, каде биле, што освојувале, има голем број на освоени пехари, признанија, дипломи, награди, а тоа е сето она што го сочинува растот и развојот на училиштето, рече Миле Јордановски, директор на ООУ „Толи Зордумис“

Основното училиште „Толи Зордумис“ е меѓу првите училишта во градот кое располага со соодветни услови за реализација на инклузивна настава. А, она што следува во наредниот период е поставување на енергетско-ефикасна фасада, реконструкција на училишната спортска сала, но и реновирање на спортскиот терен во дворот на училиштето, информира директорот Миле Јордановски.

-Доаѓаа претставници од МОН и се очекува во летниот период да се направи реконструкција и нова фасада -енергетско ефикасна, МОН вети и комплетно да ја реновира спортската сала која е влезена во проектот за оваа, 2023- та година, локалната самоуправа вети дека ќе го обнови овој спортски терен кој не е во толку лоша состојба, но секако му треба реконструкција со добра подлога, ограда, осветлување, така што планираме до крајот на оваа година или почеток на 2024 година училиштето да добие нов лик, нова боја, нова топлина и се надеваме ќе бидеме интересни и за учениците и за родителите кои на еден начин малку го избегнуваат училиштето бидејќи е поодалечено од центарот на градот, близу автопат, но се надевам дека ќе бидеме интересни за да повеќе ги запишуваат тука децата и да работиме со нив. Имаме и пристапни рампи, лифт, соодветни училници, тоалети, така што оваа година кога настапува целосна инклузија во образованието, кога веќе нема да постојат паралелки само со деца со попреченост туку сите деца треба да бидат со инклузија во редовни паралелки, ние сме подготвени. Еден апел и од  моја страна да повелат родителите да ги запишат децата во нашето училиште, имаме соодветна стручна служба, асистенсти за помош на учебиците со попреченост, наставници кои што се обучени да работат со тие деца и сл. изјави Јордановски.

Одбележувањето на патрониот празник започна неделава со спортски натпревари во мал фудбал и одбојка за предметна настава, а пак, учениците од одделенската настава се забавуваа на спортските активности „Игри без граници“. Се одржа и литературно читање, а претходно по повод партониот празник беше распишан Литературен конкурс за поетски творби: „Татковината во песна“ за училиштата во општината. Прво место освои Симона Бојковска, ученичка во ООУ „Х. Т. Карпош“, ментор: Весна Алексова.

Активностите во училиштето продолжуваат до петок.

Коментари

коментар(и)