ВИДЕО: „ Шопци и которци“ – семинар за традиционална музика и игра

Во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ се одржа вториот семинар за традиционална музика и игра под мотото „Шопци и которци“ во организација на етнокореологот Дени Синадиновски.

Еден од предавачите на семинарот, етнокореологот Бојан Петковски вели дека при неговото создавање во 2022-та година се воделе од една важна премиса дека само преку спознавање на локалното може да се стигне до глобални знаења. „И годинава целејќи кон глобалните знаења нашиот фокус останува на научно и практично осознавање на локалната традиција, традицијата на нашите предци“, посочува Петковски.

-Семинарот во суштина е наменет за локалното кумановско население, помладо и повозрасно, во суштина да го запознеме со својата локална традиција, традицијата на нивните предци само затоа што кога ќе ја спознаат сопствената традиција ќе можат да одат кон едни поголеми познавања. Семинарот е насочен кон повеќе целни групи, од почетници до луѓе кои што сериозно се занимаваат со ова. За разлика од лани, оваа година повлекуваме една поинаква отсечка, овојпат по вертикала односно од градот Куманово условно речено се движиме кон Свети Николе и Штип односно од некогашниот предел Жеглигово кон пределот Овче поле и во суштина ја работиме материјалната и духовната култура, но пред се обредната, пеачката, играорната култура токму од една страна на шопците, а од друга страна которците, имавме можност да обајсниме што некогаш во минатото значеле овие етноними односно од друга страна егзоними, изјави Бојан Петковски, дипломиран етнокореолог

-Во вчерашниот ден имавме прилика да видиме етнолошки филмови и да се запознаеме теоретски односно научно со орската традиција, со обредите и обредното пеење, додека втроиот ден го посветуваме на практичниот дел односно ќе се обрне внимание на обредните игри, соборските ора и обредното пеење, изјави Симона Китановска, етнокореолог

Организаторите потсетуваат дека со минатогодишниот семинар одржан под слоганот „ Од Средорек до Дурачка река“ беа разработени етничките предели Жеглигово, Средорек, Западен и Источен дел на Славиште и Дурачка река и воспоставени разликите во однос на материјалната и духовната култура помеѓу овие етнички групи, чинители кои во минатото ги одделувале еден од друг.

 

Коментари

коментар(и)