ВИДЕО: 13 години – Отсек за превенција во СВР Куманово

13 -годишно постоење како посебна организациска единица од областа на превенција денеска одбележува Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово.

„На овој ден во 2008-та година формирани се посебни организациски единици и се доделени сертификати на првите инспектори за превенција на ниво на државата“, информираше началничката на Отсекот за превенција Виолета Богдановска на средбата со медиумите. Таа посочува дека полицијата од 2002-та година активно работи на превентивни активности почнувајќи со првите советодавни граѓански групи, отворен ден со полицијата, средби со граѓани кои што всушност треба да ја зголемат довербата на граѓаните во работата на полицијата.

-Со формирање на посебни органзиациски единици ги покриваме сите три области на полициско работење, јавен ред и мир, криминалистички работи и безбедноста во патниот сообраќај. Целна група се сите, од најмали до највозрасни граѓани меѓутоа најмногу се застапени младите пред се, преку повеќе проекти кои што ги опфаќаат сите три области ценејќи дека превентивната работа е нешто што со еден ден не може да се покрене јавната свест и граѓанската совесност за безбедно однесување и дека темелите на тоа се работа со помала возраст за да до одредена возраст веќе го постигнеме она ниво на кое што би сакале да биде сето тоа.  На тој начин ќе се намали криминалитетот, ќе се подобри јавниот ред и мир и воопшто, безбедноста во патниот сообраќај, изјави Виолета Богдановска, началник на Отсек за превенција во СВР Куманово

13-годишната превентивна работа влијаше врз подобрување на соработката на полицијата со граѓаните, но и соработката меѓу институциите, вели Богдановска. Активностите и проектите што ги реализира Отсекот за превенција веќе се препознаени од граѓаните, образовните установи, граѓанските здруженија.

– Со формирање на локалните совети за превенција и нашата тенденција за локална поврзаност на сите институции кои работат за безбедност на граѓаните, а пред се на младите, ние денеска слободно може да кажеме дека сме на многу високо ниво на соработка, не само со локалните совети за превенција, туку и со телата формирани во секоја општина, а тоа се пред се Општинскиот совет за превенција на детско претстапништво, Општинскиот совет за безбедност во сообраќај, Локална комисија за борба против трговија со луѓе и она што трета година го работиме Акциски тим во заедница за превенција од насилен екстремизам. Има значително подобрување во она што значи нашето работење и соработката со граѓаните, нашите активности се барани, одредени проекти се бараат постојано, некои работи веќе станаа постојани, она што полицијата прва го организираше сега веќе ги бараат и училиштата, граѓаните и невладините организации, што значи дека сме видливи, запазени, транспарентни, одговорни и дека довербата од ден на ден се повеќе се зголемува, повторно би кажала дека е многу битна таа локална соработка и поврзаност на сите институции бидејќи на тој начин ние даваме навистина една голема сериозност и посветеност заеднички во таа работа, изјави Богдановска.

Отсекот за превенција функционира во сите шест општини кои ги покрива Секторот за внатрешни работи Куманово.

Инаку, денеска по повод Денот на превенција во посета на СВР Куманово беа и група ученици кои што изработија ѕиден весник кој ќе се постави на јавно место, а во текот на утрешниот ден ќе се организира настан наречен „Спој на генерации“, односно членови на здружението на пензионери и ученици од училишните тимови од средните училишта ќе имаат заедничка работилница на тема: Насилство и асоцијално однесување на младите некогаш и сега,  со заеднички препораки извлекување на позитивни искуства и од едните и од другите за поголема безбедност на младите. Паралелно со тоа продолжуваат секојдневно и активностите во делот на безбедноста во сообраќајот преку поделба на рекламен и едукативен материјал во секојдневното работење, посочува Богдановска, а до крајот на годината ќе се организираат и повеќе дебати заедно со Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патишта и Општинскиот совет за превенција на детско престапништво.

Коментари

коментар(и)