Влада: Не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи

Maкедонија има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Владата апелира до граѓаните да бидат смирени бидејќи не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи.

„Владата и државните институции ја следат состојбата на дневна основа и ги преземаат сите мерки за да се зачува стандардот на граѓаните. Во моментот нема потреба да се стават во функција стоковите резерви имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат резерви за повеќе од 35 дена не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви. Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Влада ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви доколку има потреба од такво нешто“, соопштија од владината прес-служба.

Се апелира трговците да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи бидејќи од оваа одлука нема никој да загуби.

Граѓаните да бидат сигурни и во најавите на централната банка, која изминатите денови информира дека девизниот курс на денарот е стабилен и таков ќе остане, велат од Владата.

Владата е во редовна комуникација со сите релевантни општествени фактори, како и со меѓународните институции, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд за евентуално, доколку има потреба, да се користат инструменти што ќе помогнат во финансирањето на трошоците во економијата на земјата.

Коментари

коментар(и)