ВМРО-ДПМНЕ: Каде се петте катни гаражи?

„За да се наплаќаат пари за паркирање од граѓаните, не е доволно само да се купи еден литар бела боја и да се нацртаат паркинг места на улици или пак во случајов да се уништи спортски комплес“, ова го истакнаа од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција, реагирајќи на одлуката на општината и јавното претпријатие „Куманово паркинг“, просторот пред градските базени да се трансформира во паркинг со наплата.

-Имено, пред неколку дена ЈП „Куманово паркинг“ донело одлука со која на овој простор планираат да обележат 150 паркинг места, кои би влегле во нивниот систем на наплата. Градоначалникот Максим Димитриевски на еден перфиден начин, има намера да ги изманипулира куманвоци, презентирајќи нови паркинг места на простор кој всушност е спортски комплекс, и каде огромен број на наши сограѓани го минувале своето детство играјќи баскет и мал фудбал-истакна Милан Давидовиќ, портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

Од ВМРО-ДПМНЕ јавно го прашаа градоначалникот каде се петте катни гаражи кои беа ветени во изборната програма и вака ли планира да го реши проблемот со паркирањето во градот, преку грбот на граѓаните, удирајќи ги по џебот.

-Крајно време е СДСМ и градоначалникот Максим Димитриевски да престанат да го уништуваат Куманово и со нивната неинвентивност и неспособност систематски последниве 30 години да го кочар развитокот на градот. Наместо да ги цртаат овие паркинг места, апелираме да ги вратат игралиштата за мал фудбал и баскет, кои постоеа на овој простор. Во интерес на граѓаните на општина Куманово, ги повикуваме членовите на Советот да се издигнат над тесно партиските интереси, и да не дадат согласност на оваа одлука на јавното претпријатие Куманово-паркинг-дополни Давидовиќ.

Од партијата информираат дека ВМРО-ДПМНЕ активно ја спроведува теренската акција „Обновата пред вашиот дом“ и сите проблеми кои што ќе им ги соопштат граѓаните ќе бидат јавно обелоденети, со жестоки реакции и барања за нивно решавање.

Коментари

коментар(и)