ВМРО-ДПМНЕ: Куманово се дави во смет

Градоначалникот Зоран Дамјановски 11 години не може и не сака да го реши проблемот со нечистотијата во градот, истакна Валентина Јовановска, член на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Според неа депонијата лоцирана во населбата Перо Чичо, поточно во близина на маркетот Туш, е само една од неколкуте кои создаваат негативна слика за Куманово, а истовремено се и сериозно жариште за заразни болести.

-Оваа депонија тука е пример за неисполнетите ветувања на Дамјановски, за неговата негрижа кон Куманово и граѓаните на нашиот град и за неговата негрижа кон животната средина во Куманово. Тука на ова место стана пракса Дамјановски да се појавува еднаш годишно за да потсети на неговите 11 годишни неисполнети ветувања и да ја повтори лагата дека конечно ќе се реши проблемот-истакна таа.

Според ВМРО-ДПМНЕ неместо трајно решение, градоначалникот се обидува со една акција за чистење во годината да прикаже дека е посветен на решавање на овој сериозен проблем.

-Граѓаните на Куманово секој месец плаќаат за собирање на смет и чистење на градот и според тоа е потребно Зоран Дамјановски и неговите соработници во јавните претпријатија да организираат постојано да се собира сметот во градот и постојано да се чистат улиците, а не еднаш во годината како што тоа го прават-додаде Јовановска.

Јовановска истакна дека ветувањата коишто се дадени пред граѓаните се само за политичка манипулација. Според неа граѓаните заслужуваат градоначалник кој ќе работи во интерес на граѓаните и ќе ги решава проблемите.

Од локалната самоуправа демантираат дека градоначалникот не се грижи за нечистотијата во градот. Потенцираа дека годишно по неколкупати ја чистат депонијата кај Туш, но истата за кратко време повторно е полна, поради несовесни граѓани кои постојано фрлаат смет. И комуналната инспекција при Општина Куманово исто така излегува на терен, иако овој потег е во надлежност на Македонски железници, затоа што депонијата се наоѓа во центарот на градот, велат од општината.

 

Коментари

коментар(и)