(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ: Пуковско се уште е во кал

Населбата Иго Тричковиќ, попозната како Пуковско се уште е во кал. Училиштето не е оградено, а се наоѓа во близина на фреквентна улица, нема фекална канализација, но тоа ќе го промениме, вети носителката на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, Елена Доцевска Божиновска, која заедно со Влатко Ѓорчев одржа средби со граѓаните на оваа населба.

-Населбата Иго Тричковиќ, во која живеат 2.500 жители, која е на само два километри од градот, е со многу елементарни проблеми, кои се несвојствени за текот во кој живееме. Се погоди и соодветно време за да Пуковско го видиме, не во целиот свој сјај, туку во кал. Децата на нашите сограѓани овде одат во ова училиште кое е неоградено, на фреквентна улица, која е опасност за учениците но и стрес за наставниците. Одат во училиште со несоодветна фасада, стари прозорци и се уште се греат на ќумбиња. Нема услови за часови по физичко, нема сала, спортско игралиште. Во Пуковско има водоводна мрежа со азбесни цевки, кои постојано пукаат, и често има дефекти. Нема фекална канализација до секој дом. Имаме за цел по изборите серизоно да се занимаваме со оваа населба, уредување на училиштето, водоводна и канализациона мрежа, детски катчиња, игралишта-најави Доцевска Божиновска.

-Овие локални избори се важни и за Куманово и за целата држава. Во Куманово се важни затоа што има огромни комунални проблеми, нема населба во која нема кал, не недостасува асфалт, да се обновуваат училишта, игралишта. Овие избори се важни и затоа што треба да се сопрат понижувањата на Македонија, оваа галопирачка инфлација, овој грабеж и во Куманово и во цела Македонија-посочи Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој повика да се гласа за Тони Михајловски и листата која ја предвои Елена Доцевска Божиновска.

Коментари

коментар(и)