Водите од Липково и Глажња ги задоволуваат критериумите

Добиените резултати од извршените микробиолошки и физичко-хемиски истражувања, укажуваат дека сировата вода (сите три мостри) од двете акумулации Липково и Глажња, може да се користи како вода за пиење, но со соодветен третман претходно, покажува извештај по извршените микробиолошки и физичко хемиски анализи на акумулациите, кој го направи  Хидробиолошки Завод од Охрид.

Според извештајот кој што го објави Државниот инспекторат за животна средина, по барање на АД Водостопанство Скопје на 31-ви мај, земена е вода од акумулациите. Испитувана е вода површинска и длабинска од Глажња, и длабинска од Липково.

Изведените микробиолошки и физичко хемиски анализи се во согласност со Уредбата за категоризација на водотеците, езерата, акумулациите и подземните води и Уредбата за класификација на водите, Европски директиви за површински води, како и според светски познати и признаени научни методи и стандарди.

Микробиолошките анализи опфатија параметри од санитарен и еколошки аспект, односно индикатори за фекално загадување и индикатори за органско загадување.

Според добиените резултати од истражувањата површинската вода во акумулацијата Глажња е во 1 класа. Присуството на индикаторите за фекално загадување, вкупни колиформни бактерии, Ешерихија коли, и ентерококи е со вредности кои укажуваат за мало, незначително загадување. Во длабинската вода од акумулацијата Липково се регистирани поголеми вредности на овие параметри. Според застапеноста и бројноста на вкупните колиформни бактерии, ешерихија коли, водата припаѓа во 1 класа, а според присуството на ентерококите е во 2 класа.

Хетеротрофните бактерии, кои укажуваат на присуство на биоразградливи органски материи и се индикатори за органско загадување, се евидентирани во сите истражувани примероци на вода. Според нив квалитетот на површинската вода од акумулацијата Глажња е во 1 класа, а длабинската вода од двете акумулации е во 2 класа.

Според Уредбата за категоризација на водите, и присуството на колиформните бактерии, вода од акумулацијата Глажња (површинска и длабинска) припаѓа во 2 класа, а длабинската вода од акумулацијата Липково е во 3 класа.

Резултатите добиени од анализираните примероци вода за концентрациите на растворен кислород, укажуваат на добра снабденост со кислород и во вертикалниот профил на акумулацијата Глажња (површинска и длабинска точка) како и во длабинската точка од акумулацијата Липково. Уредбата за класификација на водите од сите мерни места, врз основа на овој параметар водата се сврстува во 1 класа.

Добиените резулати од анализите укажуваат на присуство на азотни форми во истражуваните примероци. Во примерок од површината на Глажња не е евидентирано присуство на амонијачен азот, додека во примероци од длабинската точка од двете акумулации, амонијачен азот е евидентиран во релативно ниски концентации.

Вредностите добиени за вкупен фосфор во истражуваните примероци вода од двете акумулации укажуваат на квалитетот од 3 и 4 класа.

Генерално од добиените резултати може да се забелажат релативно високи вредности за содржината на органските материи и нутриентите во примероците колекционирани од двете акумулации. Водата од акумулациите според состојбата и квалитетот во однос на добиените резултати од физичко хемиските истражувања одговара за нејзина основна намена снабдување со вода за пиење, со соодветен претходен третман

Евидентно е релативно големо органско и нутриентно оптоварување, како и зголемена бројност на хетеротрофните бактерии (индикатори за органско загадување), посебно изразено во длабинската вода. Ваквата состојба наметнува потреба од континуирани истражувања и преземање мерки за соодветна заштита на акумулациите на кои им се заканува процес на забрзана еутрофикација, завршува во извештајот.

Коментари

коментар(и)