Во детската градинка се бара место повеќе

Во шест објекти на детската градинка „Ангел Шајче“ вкупниот број на старо и новозапишани деца изнесува 1.728. Бидејќи проектираниот капацитет е за  889 деца, ова значи дека во градинката престојуваат речиси двојно повеќе деца од предвиденото. Но, треба да се спомене и фактот што го покажува практиката дека 20 до 30 проценти од запишаните деца не се дневно присутни  во градинка. Директорката Марина Алексовска вели дека и годинава ќе мора да се побара согласност од советот на општина Куманово согласно Законот за заштита на децата.

– Бројката од 1.728 деца ви кажува дека состојбата веќе е алармантна и затоа е неопходно, се надеваме дека наскоро ќе има некакви доградби, надградби, меѓутоа тоа се големи капитални инвестиции и ние со нашите средства со кои што располагаме не можеме да инвестираме , меѓутоа се надеваме секогаш дека некој ќе помогне, изјави Марина Алексовска, директор на детска градинка „ Ангел Шајче“

Според Алексовска на листата на чекање моментно се околу 500 деца. За разлика од шесте објекти во кои нема место за дополнителен прием на дечиња, слободни места се уште може да се најдат во двата центра за ран детски развој кои што започнаа со работа од март годинава во основните училишта „11 Октомври“ и „Христијан Карпош“ во населбата Иго Тричковиќ.  Овие центри се наменети за тричасовен престој на децата од предучилишна возраст.

-Сите заинтересирани родители кои имаат потреба нивните деца да се социјализираат и едуцираат со своите врсници да дојдат во управата на градинката „Ангел Шајче“ каде што ќе поднесат барање и каде што нивните деца ќе бидат примени. Секој ден може да се поднесуваат барања и не само до први септември туку можат и во текот на целата учебна година, изјави Марина Алексовска, директор на детска градинка „Ангел Шајче“

Во пресрет на новата учебна година во објектите на Ангел шајче се преземаат активности во поглед на нивното одржување. Летото е најпогоден период за инвестициски активности бидејќи најчесто поради годишните одмори и бројот на децата кои што одат во градинка се намален преку лето.

– Молерисување на два објекти имаме, Развигорче и Синоличка, некои поправки на кровови, дел од оградата на централната градинка,  на управата, така што сите работи кои што можеме да ги завршиме во текот на летниот период кога бројот е намален согласно финансиите кои ги имаме ги работиме , изјави Алексовска.

Градинката „Ангел Шајче“  е вклучена во сите проекти дадени од  министерството  за труд и социјална политика, а покрај во тековните, шесте објекти учествуваат и во голем број пилот-проекти.

Коментари

коментар(и)