Во Режановце се прослави Св. Јован Отсечен

Со црковен-народен собир утринава во село Режановце се славеше селската слава Свети Јован Крстител Отсечен. На чествувањето на празникот присуствуваа верници од градот и околината, кои запалија свеќи и се помолија за здравје и благосостојба на најмилите. Во црквата се одржа света литургија која ја водеа свештеници од кумановско-осоговската епархија.

Според осумдесет и двегодишниот Душко Николовски, жител на оваа село и учесник во изградбата на црквата, од година во година се повеќе се намалува бројот на верници. Тој додава дека во минатото со песна и оро го славеле овој христијански празник, а  доаѓале луѓе од Крива Паланка, Тетово, па дури и Врање.

И присутните верници кои дојдоа да го одбележат празникот и да си земат од осветената вода истакнаа дека значително е намален бројот на посетители. Велат дека ова воопшто не наликува на прославите кои што се одржувале претходните години.

Денот на отсекување на главата на Свети Јован Крстител е еден од петнаесетте големи христијански празници, а според црквата денеска е строг пост и не се јаде храна со црвена боја.

 

 

 

Коментари

коментар(и)